Следниот противник на Вардар во Лигата на Шампионите, екипата на Барселона вчера одигра натпревар во Асобал лигата, каде на домашен терен ја совлада убедливо екипата на Хуеска. Она што нас не интересира е враќањето во составот на играчите, кои во изминатиов период имаа повреди и беа неизвесни за настап, на саботниот меч против Вардарци. Тренерот на Барса, Чави Паскал најверојатно ќе може да смета на сите претходно повредени играчи, од кои дел се повредија додека настапуваа за каталонците, додека дел од нив се здобија со повреди, настапувајќи за своите селекции на ЕП.
Во составот на мечот со Хуеска се најде репрезентативецот на Словенија, десниот бек Јуре Доленец кој се повреди половина месец пред стартот на ЕП во Хрватска. Иако беше меѓу играчите кои конкурираа за настап сепак не успеа да се запише во листата на стрелци. Другиот десен бек на Барселона, Дика Мем го повреди скочниот зглоб, на полуфиналниот дуел на неговата селекција против Шпанија, постигна еден гол во триумфот на Барса, на меч од Асобал лигата. Тимоте Нгесан кој исто така го повреди коленото на мечот на Франција во дуелот со Белорусија на ЕП и не настапи до крајот на ова ЕП, сепак успеа на време да се опорави и на вчерашниот натпревар беше втор стрелец во триумфот над Хуеска, постигнувајќи пет голови. Исто така дел од екипата беше и голманот Гонзало Перез де Варгас, кој сепак беше само на клупата и не влезе на теренот. По подолго време се врати и тунижанецот, Ваел Жалуз кој успеа да постигне еден гол. Единствено од повредените го немаше десното крило, Јанис Лен, кој пред десеттина дена се повреди на еден од тренинзите на Барселона.
Како стојат работите, тренерот Чави Паскал ќе може да смета на својот најсилен тим за саботниот меч против Вардар. Докторскиот тим на каталонците успеа да ги оспособи за игра, најголем дел од повредените играчи, кои ќе конкурираат за настап против шампионот на Европа.