Вардар е домаќин на тимот на Елверум, на натпревар од групата А во Лигата на Шампионите. Нашиот шампион ќе се обиде да стигне до вториот триумф сезонава, а домашниот терен е шанса за такво нешто. На претходните дуели со Пик Сегед можеби ни недостасуваше малку среќа за бодови, па вардарци мораат утре да одат на подигнување на самодовербата.
Нашиот организатор на играта, Ловро Јотиќ, вели дека Вардар мора да победи по секоја цена.
„Мислам дека против Елверум треба да го победиме по секоја цена. Овие два натпревари се клучни. Против Сегед заслуживме барем бод, одигравме две одлични средби, но нашите лоши минути нè чинеа порази. Сепак, добро е што растеме како екипа и на терен изгледаме многу поквалитетно во однос на есенскиот дел од сезоната. Сегед беше фаворит, но го намачивме за да дојде до тие победи. Сега следува натпревар со сосема поразлична екипа, која многу трча, но со наша добра одбрана мислам дека нема да имаме проблеми“, истакна Јотиќ.
Натпреварот кој стартува од 16:00 часот ќе се емитува на МРТ-1.