Македонската ракометна репрезентација со пораз ја започна втората фаза на СП во Египет. Попладнево избраниците на Брестовац беа поразени во дуелот со Словенија, противникот славеше убедливо со резултат 21:31.
Македонија имаше сили да се надигрува само 20 минути, кога одржуваше резултатска неизвесност. Подобро го отворивме натпреварот кога поведовме со 5:3, откако Словенија го отвори резултатот, нашите играчи во два наврати имаа позитива од два гола, последен пат беше 6:4. Сепак противникот влезе во серија од три последователни погодоци и поведе со 6:7. Следеше период кога се играше гол за гол, се до резултат 9:9 кога со нова серија избраниците на Врањеш успеаа на полувреме да заминат со солидно водство од 9:13
Лошо го стартувавме второто полувреме, кога после само пет минути игра, Словенија имаше и највисоки 11:18. Македонија имаше еден добар период во својата игра, кога после неколку одбрани на Томовски успеавме да смалиме на пет гола разлика, но словенците повторно земаа замав и резултатски се одлепија.На крајот високо триумфираа со резултат 21:31.
Филип Талески ги постигна првите голови на мундијалот, левиот бек на Вардар имаше 3/4, додека Димитриоски и Стоилов запишаа по 1 гол. Во петок на програмата е натпреварот со Русија.