Од петок започнува Ф-4 турнирот во СЕХА регионалната лига, бранителот на престолот, Вардар ќе ги одмери силите со ППД Загреб. Во другиот полуфинален меч ќе се сретнат тимовите на Веспрем и Мешков Брест. Иван Чупиќ еден од најискусните во тимот имаше интервју за „Спортске Новости“.
-Cе провлековме на завршниот турнир, тоа го знаме. Се бориме, со противникот, но и со нас самите. Полека станува подобро, но тоа ќе биде долг процес. Многу нешта се променија ова лето, најтешко е да се помириме што повеќе не сме силни како што бевме до неодамна, а Балканот е таков што секогаш се очекуваат чуда од вас. Се создава одредена нервоза, притисок и сето тоа заедно и нема никакво посебно значење, бидејќи ова е сосема друга приказна. Не е лесно за никого, но велам, не се предаваме. Против Пелистер бевме на -5, малку во шок, сега се извлековме со минус четири. Одиме напред, но нема да се случат драстични промени толку брзо.
Чупиќ свесен е каква сезона го очекува „реновираниот“ тим на актуелниот европски првак.
-Ќе имаме тешка сезона, не само во Европа, туку и во Македонија. Мислам дека сега целите се променија, а истите се да ја поминеме групата во Лигата на Шампионите, да се избориме за пласман на завршниот турнир во СЕХА, додека во македонската лига ќе биде тешко, со оглед дека и Пелистер и Металург се засилија. Мислам дека до пролет ќе имаме појасна слика до каде сме.
-Не сме лоши, имаме потенцијал да бидеме тим, одлично тренираме, но треба да бидеме реални во моментов. Реалноста е таа да Вујин нема играно три години, Векиќ кој во Загреб не го поминуваше центарот, Талевски кој во Германија беше само резерва во Рајн-Некар, потоа и Дисингер кој пет месеци немаше одиграно натпревар поради повреда. Гаџа и Јотиќ ја имаат сега лидерската улога, на каква не биле претходно навикнати. Сега го немаме ниту Стоилов, додека Дибиров добива само две топки по натпревар, како и Георгиески кој имаше некој вирус.
За натпреварот против загебчани, хрватскиот интернационалец вели:
-Загреб го почитуваме, бидејќи се екипа со многу нови ракометари. По квалитет сме слични со нив. Очекувам да има „валкана игра“, борба за секоја топка, во обид да се стигне до финале.