Иако бевме поразени од селекцијата на Шпанија, нашата ракометна репрезентација се уште останува во игра за пласман во полуфиналето. Сепак ако сакаме да се вмешаме во борбата за еден од медалите на ЕП во Хрватска, ќе мораме да ги добиеме преостанатите два натпревари, а еден од нив е токму утрешниот против Чешка. Неизвесно е дали во составот ќе го имаме капитенот, Кирил Лазаров кој се здоби со повреда на претходниот дуел. Селекторот, Гонзалес е свесен за неговото присуство на теренот, но вели дека мора да се научиме да играме и кога тој не е во можност да помогне.
-Не знаеме дали ќе игра или не, со терапија утре ќе видиме каква е ситуацијата и ќе решиме што ќе правиме, ама треба да се обидеме да играме без него, иако знам дека без Киро не е исто, играчите се чувствуваат многу добро која тој игра. Но, треба да се навикнеме да играме и кога Киро не може да игра.
Гонзалес, мечот со Чека го нарече “финале“, а дури потоа ќе се размислуваме за Данска.
-Треба да се фокусираме на Чешка, а не да мислиме на два натпревари. Нашето финале е против Чешка, зошто ситуацијата е добра, со една победа имаме сигурно меч за 5-то место, а имаш шанса со уште една победа да играш и полуфинале. Разликата против Шпанија беше голема, ама треба да научиме од тој меч, треба да го заборавиме тој меч… Исто како ако сте победиле, треба да го заборавите тоа и да се фокусирате на следниот натпревар. Кај Чешка се е различно, не играат истите играчи со кои се соочивме ние. Треба да анализираме како е сега оваа репрезентација, имаат добри играчи, со квалитет, имаат добра одбрана, добар голман, добар среден бек. Ќе повторам, треба да заборавиме дека загубивме од Шпанија, имаме шанса.
Извор: Sport 1.mk