Вториот тим на РК Вардар напорно се подготвува во пресрет на новата натпреварувачка сезона во упер лигата. За таа цел подмладениот состав на Вардар Јуниор кој е предводен од Стојан Петрушевски во изминатиот период одигра неколку контролни натпревари, за темпирање на формата и да се види до каде може да стигне екипата во новата сезона.
Одигравме четири натпревари против екипи, кои се дел од супер лигата во новата сезона и кои ќе претендираат за пласман во плејофот. На два пати силите ги одмеривме со екипата на Пролет 62, еден дуел одигравме со новиот супер лигаш, тоа е РК Бутел и на последниот контролен натпревар кој го одигравме вчера беше против екипата на Струга. Сите четири натпревари ги загубивме, иако треба да се напомене дека до последните десет минути од мечевите бевме рамноправни противници. Избраниците на Петрушевски на два пати спарингуваа со екипите на Металург Јуниор и со кадетската екипа на Вардар, мечеви на кои издвојувавме победи.
Новата сезона за Вардар Јуниор започнува следниот викенд, кога на домашен терен ќе ја пречекаме екипата на Радовиш. Пред црвено-црните е голем предизвик да се опстане во најсилната македонска лига, со оглед дека ќе бидеме уште подмладени.