Во текот на вчерашниот ден се одигра и последното коло во втората групна фаза, по што се познати репрезентациите кои ќе играат во полуфиналето на ЕП.
Норвешка против Хрватска и Шпанија против Словенија се полуфиналните двојки на ЕП. Победниците од овие мечеви ќе се борат за златниот медал.
Актуелните играчи на Европскиот Шампион рано ги завршија настапите на ова ЕП, откако испаднаа уште во првата групна фаза, но затоа петмина поранешни вардарци ќе играат во полуфиналето. Во составот на Шпанија играат Алекс Душебаев, Жоан Кањелас и Хорхе Македа, додека за Хрватска настапуваат Игор Карачиќ и Лука Циндриќ. Сите споменати ракометари со Вардар во 2017 година ја освоија првата Европска титула, додека Карачиќ на два пати се радуваше на скапоцениот трофеј, откако и минатата сезона со Вардар се искачи на врвот.
Токму, Шпанија и Хрватска вчера одиграа меѓусебен меч за првото место во групата, дуел кој заврши со нерешен резултат. Двајцата поранешни членови на Вардар беа најефикасни во своите селекции. Карачиќ со 10 постигнати голови кај Хрватска беше прогласен за играч на мечот, додека кај Шпанија Алекс Душебаев имаше 6 голови.