Вардар е многу блиску петта последователна сезона да се најде во најдобрите осум екипи, на најголемото ракометно натпреварување, Лигата на Шампионите.
По одигрување на последниот натпревар за оваа година во ЛШ, црвено-црните имаат големи шанси да се зацврстат на првото место на табелата, кое може да биде недостижно за другите екипи во најсилната група А. По поразот на Рајн-Некар против Загреб, Вардар со триуф на утрешниот меч против Кристијанштад ќе му избега на шампионот на Германија на високи шест бодови, а бодовната разлика може да биде поголема и против другите два конкуренти за првото место во групата, тоа се екипите на Нант и Барселона кои викендов ќе одиграат меѓусебен натпревар. Моментално тимот од Франција е на втората позиција, најблиску до Европскиот шампион со само три бода помалку, додека Барселона е втора со четири бодови заостанување од Вардар. Избраниците на Раул Гонзалес се големи фаворити во дуелот против Кристијанштад и се очекува да стигнеме до осмата победа во групата и на тој начин победнички да ја завршиме најуспешната година во историјата на клубот.
Во новата година на Вардар ќе му останат натпревари за одигрување на гостински терен, против екипите на Нант и Барселона, кои рековме во моментов се наши најголеми конкуренти за првото место, додека на домашен терен треба да одиграме со екипите на Висла Плок и Пик Сегед. Сепак Нант има тежок распоред до крајот на групната фаза. Покрај домашниот дуел против Барселона и Вардар, треба да гостува на ППД Загреб и Кристијанштад кои се во грчевита борба за пласман во осминафиналето, како и во последното коло на Рајн-Некар. Барселона освен мечот со Нант, на домашен терен треба да го пречека Вардар, Пик Сегед и Висла Плок, додека ќе гостува на Кристијанштад. Судејки по распоредот на останатите кола, Вардар не би требало да има проблем во освојување на првата позиција, која носи директен пласман во четврфиналето.
Во претходните четири сезони, Вардар секогаш изборуваше најмалку пласман во најдобрите осум екипи, а минатата сезона го достигнавме врвот, кога и ја освоивме Европската титула.