Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > ГОЛЕМА ПОБЕДА ВО ГЕРМАНИЈА, ВАРДАР ГО ПОБЕДИ КИЛ ВО СВОЈАТА АРЕНА И Е БЛИСКУ ДО НОВ Ф4
ГОЛЕМА ПОБЕДА ВО ГЕРМАНИЈА, ВАРДАР ГО ПОБЕДИ КИЛ ВО СВОЈАТА АРЕНА И Е БЛИСКУ ДО НОВ Ф4

ГОЛЕМА ПОБЕДА ВО ГЕРМАНИЈА, ВАРДАР ГО ПОБЕДИ КИЛ ВО СВОЈАТА АРЕНА И Е БЛИСКУ ДО НОВ Ф4

Вардар успеа да победи на првиот четвртфинален меч во Лигата на Шампионите. Избраниците на Раул Гонзалез славеа со еден гол разлика (28:29).

Натпреврот започна со зицер одбрана на Арпад Штербик, кој ни овозможи во нашиот прв напад да го отвориме резултатот преку Стојанче Стоилов. Во првите пет минути стигнавме и до водство од 1:3, а веќе втор гол бележиме зад името на капитенот Стоилов. Гледавме брза игра на двете страни, а во седмата минута стигна и второто израмнување на овој дуел (3:3). Вардарци во текот на целото прво полувреме имаа водство, кое го врати Игор Карачиќ постигнувајќи го својот прв гол, додека Дибиров украде една топка на противникот, за во 9 минута да ги врати оние два гола предност, кои ги имавме на стартот од дуелот. Штербик беше одличен на голот, кој стигна до три интервенции, а Стоилов со својот четврти гол во 13 минута донесе најголема позитива од три гола за Вардар. Тренерот на домашниот тим, Гисласон повика тајм-аут, но во следниот напад, Кил не успева да реализира а Штербик ја бележи својата четврта одбрана. Лошиот период на противникот го прекинува деснкиот бек, Вајнхолд кој за момент успеа да намали на 5:7, а Стоилов со својот четврти гол да зголеми на 5:8. Благодарение на две последователни одбрани на Никлас Ландин, Кил се враќа во Игра и со серија од три последователни погодоци успева да го израмни резултатот на 8:8, откако погоди пикерот Винцек. Вардар беше подготвен за тежок дуел и повторно прави мини серија од два погодоци (8:10), со нов гол на Тимур Дибиров. Бундеслигашот успева да ги искористи двете минути исклучување на Фереира, па во 23 минута да го израмни резултатот на 10:10. Гледавме меч со мал број на постигнати голови, одбраните на двете екипи функционираа, а потмогнати и од голманите, Ландин и Штербик. Руското крило во редовите на Вардар, Тимур Дибиров докажува дека е еден од најдобрите “крадачи“ на топки, па повторно успева да одземе топка при напад на Кил и во 24 минута да му донесе предност на Вардар од 10:12. Веднаш после него гол и за Македа, за да ги вратиме трите голови предност (10:13). До истекот на 30-те минути, домаќинот успева да намали и на одмор да замине со резултат 12:14.

Првиот гол во вториот дел го постигна Вардар за зголемување на резултатот на 12:15. Истава позитива од три гола ја имавме и во следните четири минути кога погоди Вуко Борозан, за резултатот на семафорот да гласи 14:17. Избраниците на Гисласон не се предаваа и успеаа со серија од 1:4 да се вратат во игра, откако Ландин му одбрани зицер на Шишкарев, во следниот напад реалзиира Зарабец за израмнување на 18:18. Израмнет меч гледавме во “Шпаркасе„ арената, се играше гол за гол и ниту една од екипите не можеше да се одлепи резултатски. Сепак Марко Вујин во 45 минута донесе прво водство за “зебрите“ за резултат 21:20. Вардар е во напаѓачка криза, а тоа максимално го користи Кил, кој со нов гол зголемува на 22:20. Лошата серија ја прекинуваме со голот на Фереира, кој погоди од својата позиција за намалување на 23:21 на 12 минути пред крајот на натпреварот. Благодарение на одбрана на Штербик, правиме контра-напад, а Кањелас го погодува празниот гол на Кил, за намалување на 24;23 во 52 минута. Каков меч, Кил одржува предност но не поголема од два гола разлика, Стоилов со нов гол намали на 27:26. На крајот Вардар се избори за голема победа, откако Македа погоди со звукот на сирената и со серија од два погодоци ги постави конечните 28:29 на овој прв 1/4 меч во ЛШ.

Најдобри стрелци беа Стоилов, Чупиќ и Фереира со по пет гола. Реваншот во С.Ц. Јане Сандански ќе се одигра на 29-ти април од 17:00 часот. Очекуваме победа за Вардар и пласман на Ф4 во Келн.