Браќата Никола и Марко Кизиќ испишуваат историја во ракометниот клуб Вардар. Двајцата се голмани, а во новата сезона ќе го сочинуваат голманскиот тандем на РК Вардар Јуниор кој е дел од најсилната супер лига. Никола кој е роден на 12.07.1996 и Марко на 22.01.2001 година се деца на Вардар, кои го имаат поминато сите младински екипи на клубот. Многу трофеи, поединечни награди и успеси се поврзани зад нивните имиња во досегашната играчка кариера. Се сметаат за голем потенцијал на голманската позиција, кои во иднина би требало да ги видиме и помеѓу стативите на првиот тим. Никола веќе имаше можност да тренира со првиот тим на клубот, додека Марко ќе биде сигурно најмладиот ракометар кој со само 16 години ќе заигра за црвено-црните во најсилната супер лига. Големи достигнувања за браќата Кизиќ, за кои допрва треба да слушне не само ракометна Македонија, тука и ракометна Европа и светот. Вистински симбол на Вардар, кои од година во година прераснуваат во големи играчи, кои се повеќе созреваат и го покажуваат својот потенцијал и квалитет, кој несомнено дека го поседуваат. Во ова интервју ве запознаваме токму со Никола и Марко, кои ќе не запознат со целата нивна играчка кариера, од самиот почеток па се до денес. Се надеваме дека следното интервју со двајцата браќа, ќе биде како дел од првиот тим на Вардар, или поточно како дел од Европскиот шампион.
1. Како се случи да се занимавате со ракомет. Дали овој спорт беше ваша прва желба или сте пробале и друг спорт ?
Марко: Прв спорт кој ме привлече беше каратето, но тоа не траеше долго, па гледајќи го мојот брат се решив следен спорт да биде ракометот.
Никола: Уште од мали нозе се занимавам со спорт, најпрво ватерполо па кошарка. Но се тоа траеше кратко, бидејки немав сериозни амбиции.
2. На колку години го имавте првиот тренинг со ракометната топка и дали веднаш започнавте како голман ?
Марко: На 10 години прв пат стапнав во ракометна сала и допрев ракометна топка и веднаш ја почуствував возбудата што ја нуди овој спорт, сепак мојата прва позиција беше бек.
Никола: Почетоците ми беа како играч, потоа тренерот Петковски го препозна мојот талент и ме прекомандува во голман. На почетокот наиде на мое незадоволство, но со тек на време се приспособив и од ден во ден почнав да напредувам и растам како голман.
3. Кој е првиот клуб каде започнавте да играте/браните и кој беше првиот тренер кој ве започна со почетоците на ракометната игра ?
Марко: -Почетоците ми беа во школата на Вардар под водство на тренерот Зоран Петковски. кој ме воведе во основите на ракометот. Подоцна кога влегов во пионерската екипа на Вардар под водство на Горан Стојков решив да ги следам чекорите на мојот брат и да запливам во голманските води. Тренерот Горан не сакаше да го одобри тоа, но кога ја виде мојата огромна желба реши да ми дозволи да ја сменам мојата позиција.
Никола: Најпрво Влатко Неделковски отвори школо за ракомет каде беше мојот прв контакт со ракометот. На 12 годишна возраст се отвари школо под “капа„ на Вардар каде тренер беше Зоран Петковски. Потоа паралелно ме превзема Стојан Петрушевски со кој останувам да соработувам до денес.
4. Кои се младински екипи на Вардар ги имате поминато и со кои тренери имате работено ?
Марко: Имам играно за сите младински екипи на Вардар и сум бил предводен од тренерите Петковски,Стојков,Чивлачки и Грчевски кој е еден од најзаслужните за моите резултати а заедно со овие тренери имаме достигнувано големи успеси, но несмеам да го заборавам и поранешниот тренер на голмани во Вардар, Горан Симиќ кој вложуваше многу труд во мене.
Никола: Сум имал можност да бидам дел од сите младински екипи на РК Вардар. Работев најактивно со Зоран Петковски, Стојан Петрушевски, додека имав можност да соработувам во краток период и со Пепи Манасков, Раул Гонзалес и Горан Симиќ.
5. Колку награди имате добиено за најдобар голман и која најмногу ви има останато во срцето ?
Марко: Имам освоено три награди за најдобар голман и сите подеднакво ги ценам, но најмногу ми остана во срцето првата на завршниот Ф4 турнир во 2016 година.
Никола: Досега имам вкупно шест признанија за најдобар голман. Три се во рамките на кадетската лига, една во пионерска конкуренција и две како дел од младинската екипа на Вардар. Сите ми се драги и имаат свое значење, искрено неможам посебно да издвојам некоја од нив.
6. Колку често зборувате за ракомет со оглед дека и двајцата сте голмани во Вардар ?
Марко: Доста често збориме со брат ми за ракометот, тој е повозрасен и поискусен и секогаш пробува да ми го пренесе неговото знаење и искуство.
Никола: Со мојот помал брат доста често знаеме да зборуваме околу ракометот ,бидејки е доста помлад и неискусен, знам да му дадам совет како дома така и терен.
7. Како ја оценувате минатата сезона, каде успеавте да освоите второ место со кадетската екипа, додека во младинската лига се натпреварувавте со повозрасни екипи ?
Марко: Минатата сезона ќе ја гледам како успешна. Со кадетската екипа го освоивме второто место со кое неможам да кажам дека не сум задоволен, бидејќи игравме машки со срце и дадовме се од себе. Во младинската категорија имавме многу тешки натпревари со постари противници, кои ни дојдоа добро за да собираме искуство.
7. Пред две сезони од младинска лига, добивте можност да се натпреварувате во првата лига, како дел од РК Вардар 2 ?
Никола: Стигнавме од младински категории до првата лига. Очекувавме многу но сепак бевме во “грч„ каде што тој грч ни донесе голем успех, пласирајќи се на второто место, каде игравме плеј-оф за влез во најсилната супер лига. Сепак ниту на еден натпревар не бевме надиграни, иако се натпреварувавме со далеку повозрасни и поискусни екипи.
8. Дали на Марко му се случува да даде совети на неговиот постар брат пред и после натпревари ?
Марко: Иако мојот брат е постар и поискусен знае некогаш да не согледува работи кој јас ги приметувам, па така да се случува некогаш и јас да го советувам него.
9. Со оглед дека двајцата сте голмани, дали потекнувате од спортско семејство, или вие сте едиствените кои се занимаваат со спорт ?
Марко и Никола: Нашите родители се занимавале со спорт, но никогаш не стигнале до професионално ниво. Ние сме првите и единствени кои ја испишуваат спортската историја во нашата фамилија.
10. Во новата сезона заедно ќе го сочинувате голманскиот тандем на Вардар Јуниор во супер-лигата. Што да да се очекува од вас како најмлада екипа во најсилната лига во Македонија ?
Марко: Оваа сезона ќе биде најголемиот предизвик што сум го имал до сега. Млада и неискусна екипа сме но имаме голема желба за надигрување и докажување, а јас мислам дека желбата секогаш го победува знаењето.
Никола: Сезонава влегуваме со уште помлад состав. Можеби нема да бидеме толку искусна екипа како минатата сезона, но сум сигурен дека со желбата за надигрување и докажување на секој натпревар ке го пружиме нашиот максимум и ќе се обидеме да бидеме најпријатното изненадување во супер лигата.
11. Колку добро го познавате тренерот Стојан Петрушевски и каков е како тренер и човек ?
Марко: Со тренерот Петрушевски имам одработено доста тренинзи, но ова ќе ми биде прва сезона под негово водство. Тој е доста приципиелен човек, кој секогаш ке се труди да го извади максимумот од тебе, не само како играч туку и како спортиста и човек.
Никола: Со тренерот Стојан Петрушевски соработувам веќе седум години и тој е главниот виновник за целиот мојот напредок. Имам научено премногу работи од него, како на теренот така надвор од него.
12. Дали Никола и Марко имаат некоја зацртана цел, која сакаат да ја исполнат во иднина ?
Марко: Одиме чекор по чекор, веќе сум член на младинските екипи на македонската репрезентација, а се надевам дека еден ден ќе бидам и дел од првиот тим на Вардар, како и дел од А селекцијата на македонската репрезентација.
Никола: Кога веќе сте ги поминале сите младински екипи, реално е да сакате еден ден да застанете на голот и на првиот тим на РК Вардар. Сигурен сум дека желба на секој млад ракометар е да биде дел од Европскиот шампион.
Звонко Ивановски