Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Нема одмор, Вардар вечерва е домаќин на Војводина
Нема одмор, Вардар вечерва е домаќин на Војводина

Нема одмор, Вардар вечерва е домаќин на Војводина

Нема одмор за вардарци, кои вечерва ги очекува нов натпревар. Во рамките на СЕХА-лигата во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Војводина.

Вардар вчера одигра меч во Лигата на Шампионите, кој го доби на свој терен против екипата на Брест Мешков. Тежок и исцрпувачки меч за црвено-црните, кои играат со „крпен“ состав поради отсуството на неколку играчи кои се опоравуваат од повреди. Војводина е постојан учесник во СЕХА-лигата, а оваа сезона на пет одиграни натпревари забележаа три победи и два порази. Два дуели добија на домашен терен против екипите на Нексе и Мотор Запорожје, додека на гости го совладаа Пекинг СУ. Загубија во мечевите против екипите на Татран Прешов и Нексе.

Не се знае со каков состав ќе излезе Кокшаров на вечерашниот меч, сигурно дека поголема минутажа ќе добијат младите играчи и оние кои имаа мала минутажа на вчерашниот натпревар. Тука посебно се мисли на Карапалески, Кукуловски, Димитриоски и Пелко, додека Горбок се повреди и на вчерашниот меч и предвреме го напушти теренот, па сигурно дека вечерва нема да биде во комбинација за дуелот со Војводина.

Традицијата во меѓусебните дуели е на страна на нашиот шампион. Вардар само еднаш има загубено од Војводина и тоа на Кале, пред скоро шест години, додека црвено-црните имаат 9 победи во меѓусебните дуели со овој противник.

Натпреварот вечерва стартува од 20:15 часот со директен пренос на МТВ и Арена Спорт 3. Цената на билетите е само 50 денари, додека сите кои имаат сезонски билети можат да присуствуваат на овој натпревар.