Нема одмор за нашиот ракометен шампион, кој директно од Манхајм се упати за Нашице, каде вечерва со почеток од 19 часот игра натпревар во рамките на осмото коло од СЕХА-лигата. Црвено-црните освоија многу важен бод на гостувањето кај Рајн-неакр и уште повеќе ги зголемија шансите за освојување на првото место во групата, кое носи директно во четврфиналето. Сепак тој натпревар е минато за избраниците на Раул Гонзалес, кои вечерва ги очекува натпревар против вицешампионот на Хрватска, екипа која последниве неколку години е зад тимот на Загреб во националното првенство.
Вардар е лидер во ова натпреварување, каде има седум победи од исто толку одиграни натпревари, додека денешниот противник се наоѓа на осмата позиција. Тимот од Нашице има само еден триуф, на два пати одиграл со нерешен резултат и доживеа четири порази, до пред одигрување на ова коло. Минатата сезона славевме на истиот терен со резултат 27:30, додека во С.Ц. Јане Сандански издвојувавме победа со резултат 37:29. Најдобри стрелци на Нексе после седум одиграни кола се Саша Баришиќ, Марин Шипиќ и Ведран Зрниќ.
Црвено-црните се наоѓаат во одлична серија од 16 натпревари без пораз во ЛШ и СЕХА-лигата, каде имаме по седум победи во двете натпреварувања и два нерешени резултати во ЛШ. И во Нашице допатувавме без Македа и Мораес Фереира. Вечерва се очекува поголема шанса да добијат играчите со помала минутажа од дуелот со Рајн-Некар. Тука пред се се мисли на голманите, Милиќ и Ѓорѓески, додека Чупиќ и Карачиќ треба да ја потполнат играта на своите позиции. На позицијата десен бек останува Кристопанс кој ќе мора да го понесе товарот и на овој дуел, додека на левата страна не се изнаигра многу нашиот најдобар стрелец, Вуко Борозан кој не постигна ниту еден гол против Рајн-Некар.
Натпреварот вечерва започнува од 19 часот, со директен пренос на МРТ-1. Иако постои голем замор кај нашиот шампион, сигурни сме дека ќе дадат максимум и на овој дуел, како би ја продолжиле победничката серија оваа сезона.