Младинското фудбалско дерби му припадна на Вардар, кој на теренот на Академијата ја победи екипата на Шкендија. Избраниците на Петар Ѓорѓиевски му вратија на противникот за поразот во Тетово и сега многу поубедливо славеа во дербито на колото. Конечниот резултат од 4:1 говори за доминацијата на нашиот состав и одличната прикажана игра во текот на сите 90 минути. Бериша постигна два гола, додека по еден беа дело на Колевски и Антовски. Токму Филип Антовски за нашиот сајт, ги споделува впечатоците од победата против екипата од Тетово.
-Моите впечатоци од дуелот со Шкендија се позитивни бидејќи освоивме бодови на еден важен натпревар. Многу значајни бодови со оглед дека игравме против состав кој е наш директен конкурент за титулата. Влегувајќи на теренот бев сигурен дека ќе победиме. Мислам дека и моите соиграчи беа убедени во истото. Чуството да се игра под рефлектори беше неверојатно. Пресудно за победата беше колективната игра на моите соиграчи и големата мотивација. За досегашните 12 одиграни кола не сум целосно задоволен, знам дека можевме повеќе бидејќи имаме многу добар состав.
Антовски беше дел од успехот на младинската репрезентација до 19 години која се пласираше во елитната фаза, за пласман на ЕП. Неговите добри игри и во младинскиот состав на Вардар и репрезентацијата се доволен показател за тренерот Јаневски да му даде шанса за настап во првиот тим.
-Во врска со квалификационите натпревари со репрезентацијата до 19 години е голем предизвик и искуство за мене. И многу сум задоволен од досегашните резултати. Во врска со првиот тим се надевам дека ќе ги задоволам очекувањата на тренерот Јаневски и очекувам во поскоро време да бидам повикан на некој од натпреварите во ПМФЛ.
Звонко Ивановски