Ракометарите на Вардар запишаа нова победа на патот до одбрана на шампионската титула. Попладнево во СЦ. ,,Јане Сандански”, екипата на Вардар во еден добар натпревар го победи тимот на Пролет 62 со резултат 30:24 (15:13).
По почетните 1-1, вардарци се одлепија на 4-1, а по петнаесетина минути игра во првиот дел беше и 9-4. Потоа следуваше уште еден период во кој Вардар одигра добро, па така дојде на 14-10. Во самиот финиш екипата на Пролет 62 одигра добро и на пауза замина со само два гола негатива, 15-13. Во вториот дел, Вардар со три гола во серија дојде и до плус пет. Потоа гостинот имаше шанса со серија на добра игра да дојде и на минус еден но не успеа, па Вардар се одлепи повторно и до самиот крај го контролираше текот на резултатот. До крајот домашните само рутински ја одработија задачата за конечни 30-24.
Кај победничкиот тим, Дибиров блесна со девет гола, а по пет пати во листата на стрелци се запишаа Јагуриновски, Георгиевски и Талески. Кај гостинот, Аларов постигна седум погодоци.