Ракометниот клуб Вардар продолжува да ги собира наградите, за најдобри спортисти во 2017 година. Овој пат во изборот на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации признанијата завршија во рацете на Стојанче Стоилов и Раул Гонзалес.
Капитенот на црвено-црните, Стоилов е прогласен за најдобар спортист во Македонија за 2017 година, додека Раул Гонзалес очекувано е најдобриот тренер. Вардар ја имаше најуспешната година во својата историја, во која освои четири трофеи, од кои најголем беше оној од Лигата на Шампионите.
-Огромна чест и задоволство е да се биде најдобар во годината. Од спортскиот крем на Македонија сум избран за спортист на 2017 година. Пред мене многу подобри играчи ја освојувале и мене ми претставува задоволство што сум во тоа друштво. Ова е огромно лично задоволство, но ракомет не се игра сам. Сакам да им се заблагодарам на колегите од клубот и од репрезентацијата. Направивме голем успех со освојувањето на Лигата на шампионите. Оваа година беше трофејна со многу награди, а се надевам дека следната ќе биде уште подобра почнувајќи уште во јануари на Европското првенство во Хрватска каде верувам дека нема да разочараме, изјави Стоилов примање на наградата.