Во недела продолжуваат натпреварите за РК Вардар 2 во првата ракометна лига. Уште еден дерби дуел ги очекува избраниците на Зоран Петковски, овој пат противник е екипата на Куманово. Натпреварот ќе се одигра на Кале во недела до 13:30 часот. Вардарци до ова коло имаат пет одиграни натпревари и исто толку победи. Совладани беа екипите на Струга, Партизан, Текстилец, Тиквеш и Македонија Ѓ.П. Црвено-црните со триумф на овој меч ќе имаат можост да се вратат на лидерското место на табелата, каде моментално е екипата на Младост со еден бод повеќе од Вардар, но и натпревар повеќе од нашиот состав.
Куманово исто така одлично ја започна сезоната и со четири победи и само еден пораз се наоѓа на треттото место на табелата. Само за потсетување двете екипи одиграа контролен натпревар пред почетокот на сезоната и истиот убедливо им припадна на црвено-црните. Резултатот од тој натпревар одигран во Куманово гласеше 27:35. Тренерот на Вардар, Зоран Петковски во пресрет на секој натпревар се наоѓа на “слатки маки“ околу изборот на 16-те ракометари кои треба да излезат на теренот. Секој од играчите е желен за докажување и сака силно да се наметне во овој млад состав.