Со натпреварот помеѓу екипите на Кил И Брест Мешков беше отворено 3.коло во најсилната група Б. Со триумфот вчера, екипата на Кил повремено ќе биде нов лидер во групата, се до одигрување на следните мечеви во групата, кои на програмата се претстојниов викенд.
Иако ослабен, Кил, стигна до втората победа во групата, откако на домашен терен ја совлада екипата на Брест Мешков. Добро започнаа избраниците на Филип Јиха, кои на стартот од мечот имаа и предност од три гола, за во следните 10 минути, тимот на Мешков да направи резултатски пресврт и да има позитива од два гола. Сепак до крајот на првиот дел, бундеслигашот ја врати предноста, која по истекот на првите 30 минути беше минимална, изразена со резултат 13:12.
Во вториот дел, Кил „побегна“ на плус пет гола (21:16) и до крајот ја одржуваше предноста, на крајот триумфот беше изразен и со поголема разлика (31:23).
Другите три натпревари во групата ќе се одиграат претстојниов викенд. Интересен меч не очекува во Португалија, каде Порто е домаќин на тимот на Киелце. Порто покажа на стартот од сезоната дека не е наивен противник и дека на секој ќе му биде тешко да ги освои бодовите во дуелите со нив. Во првото коло со голем пресврт во второто полувреме го совладаа Брест Мешков, додека во следното коло му дадоа силен отпор на Европскиот Шампион, но само едно полувреме, во кое имаа и предност од два гола разлика. Од друга страна, Киелце е фаворит на мечот, на два одиграни меча имаше реми против Кил и триумф против Мотор Запорожје.
Вардар оди во Украина по третата последователна победа оваа сезона. Мотор Запорожје е следен наш противник, но и голем должник од СЕХА-лигата, каде успеа да не победи во второто коло. Сепак ова ќе биде сосема поинаков меч, а Мотор важи за незгоден противник пред своите навивачи. Ние се надеваме на нова добра игра и трета победа, со која ќе се зацврстиме на врвот на табелата.
Колото во групата ќе го комплетираат екипите на Монпелје и Веспрем, може да се каже дека овој меч ќе биде дерби на 3.коло. Веспрем ќе се обиде да се „рехабилитира“ од поразот против Кил пред своите навивачи, додека Монпелје да стигне до првиот триумф на домашен терен. Фаворитската улога е на страната на Веспрем, но никогаш не смее да се отпише ниту поранешниот Европски Шампион, посебно не кога игра дома.
Распоред на мечеви за 3.коло
Порто – Киелце ( сабота, 20:00 часот)
Мотор Запорожје – Вардар ( недела, 17:00)
Монпелје – Веспрем ( недела, 19:00)