Ракометарите на Вардар утре ги очекува нов натпревар во Лигата на Шампионите. Црвено-црните имаат тешко гостување кај екипата на Кил. Вардар се наоѓа во лоша серија од пет порази, па ова гостување доаѓа во лош момент, со оглед дека се работи за силен противник кој сигурно е во ТОП-5 екипи кои конкурираат за освојување на ЛШ.
Во пресрет на утрешниот натпревар своите видувања ги изнесе тренерот Веселин Вујовиќ.
-Не очекуваат три многу важни натпревари. Прво одиме во Кил, каде ниту една екипа од Европа не е фаворит, па секако не сме ни ние, но би било многу важно да одиграме добар натпревар, бидејќи тоа би била значајна мотивација пред дуелите во Загреб и со Еурофарм Пелистер во Битола“
Вардарци на ова гостување отпатуваа без Анте Гаџа, кој е единствениот класичен среден бек, па работите дополнително се отежнуваат за нашиот ракометен шампион. Во составот се враќа Моралес, но се поизвесно е дека тој ќе неможе да игра, туку само да им биде поддршка на соиграчите.
-Што се однесува до екипата, имаме проблем, Гаџа доби некоја вироза, што значи единствениот класичен среден бек што го имаме нема да патува. Тоа ни создава многу проблеми. Го враќаме Куни Моралес, не затоа што е сто проценти подготвен, туку за да биде во контакт со самиот амбиент, да не направи поголема пауза. Го немаме и Борко Ристовски, кој веќе подолг период има проблеми, но се надевам дека и тоа бргу ќе се реши. Значи ни останаа уште овие неколку натпревари. Од трите кои ни претстојат, две победи би биле мелем за сите нас. Очекувам екипата да биде мотивирана, да дадеме максимум и на некој начин овој прв дел од сезоната да го завршиме позитивно.
Натпреварот утре ќе стартува од 20:45 часот.