Во сабота во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Веспрем, во рамките на 12.коло од најсилната група А во Лигата на Шампионите. Голема е борбата за пласман на втората позиција во групата, која носи полесен противник во следната елиминациска рунда. Победникот од овој дуел ќе биде многу блиску до освојување на оваа позиција, а Вардар ќе се обиде по втор пат сезонава да излезе како победник во мечот со унгарците. Во пресрет на утрешниот меч, свое видување даде левото крило, Мануел Штрлек кој ја игра првата сезона во Веспрем откако пристигна од екипата на Килце. На хрватскиот репрезентативец му се познати квалитетите на Вардар, но и арената во која ќе гостува неговиот тим.
-Се работи за една од најсилните екипи во Лигата на Шампионите, ќе биде многу тешко да се совлада Вардар. На домашен терен се многу силни, имаат одлични навивачи кои го бодрат тимот во текот на целиот натпревар. Ќе треба да одиграме добро и да дадеме максимум во текот на сите 60 минути. Против Барса покажавме дека можеме да играме добар ракомет, се надевам на добар резултат и од Скопје, истакна Штрлек.
Еден од најискусните во противничкиот тим е секако Ласло Наѓ кој имаше само комлименти за тимот на Вардар.
-Секогаш е тешко да се игра во Скопје. Без оглед на играчките и тренерските промени, Вардар се уште игра одлично и прикажуваат врвен ракомет во Лигата на Шампионите. Мора да влеземе максимално подготвени во мечот и да прикажеме најдобра игра до сега, ако сакаме да се надеваме на некој бод ова тешко гостување, изјави Наѓ.