Утре продолжуваат натпреварите за екипата на РК Вардар во СЕХА-лигата, каде гостуваат на екипата на Железничар. До крајот на календарската година остануваат уште три натпревари во ова натпреварување, а веќе следниот го играме утре во Ниш, против екипата која од клупата ја предводи Веселин Вујовиќ. Тренерот на Вардар, Гарсија Парондо истакна дека на мечот со Металург не сме одиграле добро и дека на овој дуел треба да покажеме подобра игра доколку сакаме да победиме.
-Играме против Железничар, тим што игра многу добро пред домашна публика. Вистина е дека ние не одигравме добро против Металург и ако сме искрени, игравме многу лошо. Тимот не беше фокусиран и игравме без интензитет, и тогаш е тешко да се игра. Сигурен сум дека не игравме на нивото од ЕХФ лигата на шампионите. Знам дека СЕХА лигата е сила и затоа мораме да извлечеме поуки од последниот меч и да се однесуваме сериозно ако сакаме да победиме, истакна Парондо.
Победи на останатите три дуели во СЕХА очекува и Сташ Скубе.
Се очекуваше дека по мечот во Лигата на шампионите можеби малку ќе паднеме во ритамот. Најважно беше што победивме. Сега очекувам да го подигнеме нивото на тренирање и играње, и очекувам да победиме на сите три натпревари до крајот на годинава, со Железничар, Татран и Стеауа, вели Скубе.