Избраниците на Раул Гонзалес го освоија првиот трофеј во новата сезона. Во финалето на турнирот “Кањижа куп“ беа подобри од тимот на Пик Сегед. Во еден цврст и квалитетен натпревар со малку погодоци, победата им припадна на нашиот шампион. Унгарскиот преставник добро го започна натпреварот и веќе по 10 минути играа имаа три гола позитива. Сепак како течеше мечот, нашите ракометари се враќаа постепено во игра и го израмнија резултатот. Сегед повторно поведе, но во тие моменти црвено-црните направија серија од 3:0 и на полувреме заминаа со предност од 11:9.
Во вториот дел продолжи добрата игра на нашата екипа, која не дозволуваше повторно да има негатива од противникот. Имавме постајано водство кое на моменти достигнуваше и четири голови. Само еднаш се случи израмнување, кое не беше доволно за Унгарскиот преставник да направи целосен пресврт. Конечниот резултат гласеше 22:19. Со овој триумф Вардар им врати на Унгарците за поразот минатата година, токму во финалето на истиов турнир. На крајот сосема заслужено капитенот Филип Лазаров го подгигна пехарот. Најефикасни во нашите редови беа Карачиќ со 7 и Горбок со 5 постигнати голови.
Денес следи враќање во Скопје и подготвување за следниот турнир во организација на ракометниот клуб Вардар. Во периодот од 24-27 август, С.Ц. Јане Сандански ќе биде домаќин на силен меѓународен турнир.