Уште три дена до големиот ракометен спектакл во Келн, каде четири најдобри екипи за оваа сезона ќе се борат за европската титула. Меѓу нив е и нашиот ракометен шампион, кој испиша историја и со самиот пласман на Ф4, а сега има можност дури и да се бори за трофејот од лигата на шампиони. Во сабота не очекува полуфиналниот натпревар со екипата на Барселона, која пред две сезони беше шампион на Европа, што беше прв трофеј во ЛШ и за капитенот на Македонија, Кирил Лазаров. Пред заминувањето за Келн, стратегот на Барса, Чави Пасквал го имаше последното обраќање пред медиумите во Шпанија, во однос на очекувањата од завршниот турнир. Тој смета дека натпреварот со Вардар ќе го решат голманите на двете страни. Кој ќе има подобар ден на голот, тој ќе победи, истакна Пасквал, кој меѓу другото го изјави следново:
-Мојот тим веќе постигна исклучителен резултат со самиот факт што избори пласманот меѓу четирите најдобри екипи. Во 24 часа треба да одиграме два врвни натпревари, a сметам дека обично голманите ги решаваат ваквите дуели, но целиот тим треба да им помогне. Јас имам голема доверба во моите голмани, а што се однесува до Штербик, посакувам да има добар настап, но на крајот и да загуби. Она што е различно од претходниот настап во Келн е што пет мои ракометари првпат ќе играат фајнл-фор. Не знам како ќе реагираат, но од тоа ќе зависи што ќе го постигнеме на теренот.
Стратегот на клупата на Барселона истакна дека Вардар е во добра натпреварувачка форма и дека тоа е тим составен од квалитетни и искусни ракометари.
– Вардар е еден од тимовите кои се наоѓаат во најдобра форма на крајот на сезоната. Се работи за екипа составена исклучиво од квалитетни ракометари, а дел од нив веќе имаат и Ф4 искуство. Тие можат да го менуваат стилот на игра и поседуваат голем потенцијал, а тренерот Раул Гонзалес може да испроба неколку формации против нас, рече Пасквал.