Friday ,19 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Димитар Павловски: “Јуниор“ лигата е значаен проект на РК Вардар, со цел да се откријат и усовршат младите надежни ракометни ѕвезди

Димитар Павловски: “Јуниор“ лигата е значаен проект на РК Вардар, со цел да се откријат и усовршат младите надежни ракометни ѕвезди

Полека наближува крајот на втората сезона на ракометната “Јуниор“ лига, каде останува да се одигра завршниот турнир во две возрасни генерации во женскиот дел на ова натпреварување. Од порано се познати победниците во сите возрасни генерации во машкиот дел, како и сите останати пласирани екипи кои беа дел од завршниот турнир на најдобрите четири екипи. Кај генерацијата родени 2002/03 првото место им припадна на РК Преспа, кои во финалето го победија тимот на Шампион. Дел од сребрениот тим на Ф4, односно РК Шампион е голманот на оваа екипа, Димитар Павловски.

-Според мене “Вардар јуниор лигата“ е еден навистина значаен проект од страна на РК Вардар се со цел да се откријат и усовршат младите надежни ракометни ѕвезди. “Вардар јуниор лигата“ за младите ракометари во подем е од огромно значење. Преку неа се натпреваруваме со останатите екипи и постигнуваме навистина добри резултати, а тоа не прави да се чувствуваме горди и ни дава мотив плус да продолжиме понатаму за уште поголем успех.

vardarfans-rk-sampion

Преспа го одбрани трофејот во оваа возрасна генерација, откако истиов тим ја освои “Јуниор“ лигата и во првата нејзина сезона. Второто место им припадна на РК Шампион, кои се предводени од тренерскиот тандем, Чивлачки-Бадев. Тие пак во полуфиналето беа подобри од РК Кале од Кичево.

-Највпечатливото нешто оваа сезона беше финалето кое го одигравме со екипата на РК Преспа. Со оглед на тоа што пред овој натпревар одигравме еден полуфинален меч со екипата на Кале од Кичево кој беше исклучително тежок, заморот го направи своето и потклекнавме пред екипата на Преспа. Тимот од Ресен е еден навистина силен противник и сметам дека можевме да одиграме многу подобро против нив, дури и да ги победиме и покрај фактот што се екипа без пораз и ја поседуваат шампионската титула во лигата.

Димитар важи за еден од најдобрите голмани во “Јуниор“ лигата, кој беше голем адут на Шампион и на завршниот турнир.

-Јас сум презадоволен од својот придонес во тимот бидејќи помогнав тимот да напредува и да дојде до она што е денес. Во однос на мојот понатамошен напредок, себеси се гледам како дел од младинските екипи, а потоа и од сениорскиот тим на Вардар.  

Звонко Ивановски