Во следново наше интервју ве запознаваме со уште еден ракометен бисер, кој е дел од кадетската екипа на ракометниот клуб Вардар. Се работи за Борис Павловски кој игра на позицијата среден бек. Одличен играч кој придонесува многу за успесите на генерацијата на играчи родени 2002/03 година кои после освојување на пионерската лига, се на добар пат успехот да го повторат и во кадетска конкуренција. Прочитајте го интервјуто со Борис Павловски.
1. Како се случи да се занимавате со ракомет, дали овој спорт беше ваша прва желба или пројавувавте интерес кон друг спорт ?
-Како и поголемиот дел од моите врсници бев голем фан на фудбалот. Сепак ракометот е спорт број еден во мојата фамилија и уште од мали нозе одам на сите ракометни натпревари. Така една вечер заедно со татко ми се решив да одам на тренинг во ракометното школо на Андријана Будимир. Испадна дека ракометот за мене беше љубов на прв поглед , во кој се уште сум вљубен, или еден живот една љубов.
2. На колку години започнавте да тренирате, кој беше вашиот прв тим во кој заигра и под водство на кој тренер ?
Ракомет почнав да тренирам во 2012 година , во ракометното школо Андријана Будимир , каде почнав да ги учам ракометните вештини под будното око на мојот тренер. Прв тим во кој играв беше РК Металург со тренерот Будимир.
3. Минатата сезона вие бевте единствената машка младинска екипа на Вардар која успеа да освои трофеј, на што се должеше успехот на вашата талентирана генерација ?
-Успехот на нашата генерација пред се должи на РК Вардар. Уште во 2015 година кога се одржа селекцијата на ракометари за нашата генерација од врвни ракометни величини на чело со Раул Гонзалес беше јасно дека се создадени предуслови за создавање на една генерација млади ракометари со кои кога ќе дојде време ќе се гордее Македонија. Исто така условите кои ги имаме за работа, бројните меѓународни турнири на кои учествуваме и натпреварите во домашните првенства допринесуваат за напредокот на оваа генерација. Но сето тоа можеби не би било доволно без нашиот тренер Андријана Будимир. Таа е “душата„ на оваа генерација, нашата звезда “водилка„ во немирните ракометарски води. Имајќи ги предвид сите овие фактори , изминатата сезона беше круна на нашата напорна работа.
4. Кои се главните фактори според вас за еден играч да биде успешен, што е потребно за еден ден да се стане врвен ракометар ?
-Работа, многу тренинг, добри услови и секако добри тренери, се главните фактори кои можат од еден талентиран да направат врвен ракометар.
5. Колку години сте во Вардар и колкав период соработувате со Андријана Будимир ?
-Во РК Вардар сум од 2015 година, со тренерот Андријана Будимир ги направив првите мои ракометни чекори и соработуваме веќе седум години, па слободно можам да кажам дека јас сум нејзин ракометен “производ„.
6. Во кадетската лига станавте есенски шампиони, откако завршивте на првото место со максимален број на освоени бодови. Колку сте задоволни од прикажаните игри и резултати и дали веруваш дека оваа генерација може да го повтори успехот од минатата сезона ?
-Во кадетскота лига победивме на сите натпревари на што сме особено горди како тим и сме задоволни од прикажаните игри но има место за напредок во играта , и верувам дека можеме со напорна работа да го повториме минатогодишниот успех.
7. Паралелно нстапувате и во младинската лига, каде играте против повозрасни и поискусни екипи. Колку истата е значајна за вас како екипа ?
-Настапот во младинската лига ни овозможува да стекнуваме искуство од натпреварите со повозрасни и поискусни ракометари. Секако дека и оваа лига има значење за нас, тука играме слободно и секоја победа е важна за нас.
8. Каква е улогата на Аце Станковски во тимот, колку тој ви помага да бидете подобри ?
-Со доаѓањето на тренерот Аце Станковски , нашиот тим доби на сигурност и самоувереност посебно на играта во одбрана.
9. Кој е првиот синоним кога ќе слушнете за името Вардар ?
-“Вардар еден живот една љубов„
10. Дали во иднина би очекувале и репрезентативен повик ?
-За мене како млад ракометар најважно е , секојдневно да работам на подобрување на мојата игра со помош на моите тренери и да имам добри настапи за мојот Вардар, а се надевам дека со тек на времето ќе дојде и повикот за националната репрезентација.
Текст: Звонко Ивановски ФОТО: Iva Organdzieva -Рhotography