Вечерва во спортскиот рекреативен центар Кале се одигра натпревар во супер-лигата помеѓу екипите на Вардар Јуниор и Пелистер. Во две различни полувремиња, подобри беа гостите од Битола кои славеа со резултат 28:34.
Натпреварот започна со два гола на Вардар Јуниор за водство од 2:0, додека првиот гол Пелистер го постигнува во 3 минута. Црвено-црните имаа предност и од 5:3 а интересно е што четири гола за Вардар во тој момент беа дело на Ристо Вујачиќ. Првото израмнување се случи во 11 минута од натпреварот гола резултатот на семафарот беше 5:5. Пелисттер во следната минута стигна и до своето прво водство на мечот. Сепак младиот состав на Вардар врати со серија од три последователни голови за повторно да има водство од два гола (8:‚). Во игра влезе и Кукуловски кој постигнува два гола, додека на голот Филип Ивановски ја забележува четвртата одбрана. Избраниците на Петрушевски играа одлично во овој дел од натпреварот, имаа и највисоки три гола (10:7) во 18 минута. Во тие моменти нашиот тренер побара тајмаут, а после тоа Пелистер успева да направи серија од 0:3 и повторно да го израмни резултатот во 23 минута. Во последните шест минути од првото полувреме двете екипи играат гол за гол, по што на полувреме се оди со израмнет резултат 14:14.
Вториот дел започнува со два гола на двете страни со удар од седум метри, Мартин Димов кај нас го постигнува својот прв гол. Израмнето се игра до резултат 18:18, кога Пелистер успева да постигне четири гола во серија и да се одлепи резултатски на 18:22. Ангелов ја прекинува серијата на гостинскиот тим и го намалува резултатот. Противникот во следните десет минути одржува предност која се движи од 3-5 голови разлика. Кукуловски беше наш најрасположен игра и со својот петти гол успева да намали на 28:31 на четири минути пред крајот. Вардар немаше сили за пресврт, Битолчани постигнуваат три гола во серија и зголемуваат на 28:34. Овој резултат беше и конечен на крајот од натпреварот.