Friday ,04 October 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Брајан Петкоски: Наградата за најдобар голман претставува едно огромно признание за мене и сум пресреќен дека некој го забележува трудот кој безрезервно го вложуваме ние младите

Брајан Петкоски: Наградата за најдобар голман претставува едно огромно признание за мене и сум пресреќен дека некој го забележува трудот кој безрезервно го вложуваме ние младите

Изминативе два викенда се играше третото издание на ракометниот турнир “Вардар, еден живот, една љубов“ на кој се натпреваруваа голем број на екипи во машка и женска конкуренција. Познати се победниците во сите возрасни генерации кои имаа можност да бидат дел од турнир кој има за цел да прерасне во традиција на ракометниот клуб Вардар. Во машка конкуренција кај генерација родени 2000/01 победник е екипата на РК Филип-Вардар која во финалниот меч беше подобра од РК Илинден. Ова беше прво учество за голманот на прилепскиот тим, Брајан Петкоски кој за нашиот сајт ги сподели впечатоците од настапите на неговата екипа, како и од целокупната организација на турнирот.

-Ова беше мое прво учество на турнирот „Еден живот, една љубов“, беше одлично организиран. Поминавме два прекрасни дена кои сите ќе ги паметиме вечно посебно играчите од најдобрите екипи кои добивме медали и дипломи за освоените места. Беше малку напорно бидејќи одигравме пет натпревари во два дена, но сепак мислам дека тоа на крај се заборава и се паметат само прекрасните моменти кои ги доживеавме. Се надевам дека турнирот ќе продолжи и понатаму да се организира бидејќи покрај “Јуниор лигата“ и ова претставува едно големо искуство и предизвик, но и шанса за докажување на нас младите. Мислам дека со ваков вид на турнири се зголемуваат шансите да се пронајдат нови млади таленти.

РК Филип беше еден од најголемите фаворити за освојување на првото место, со што на крај ја оправдаа оваа улога и заслужено се најдоа на врвот.

-Ние долго се подготвувавме за овој турнир и нашите амбиции беа доста високи и мислам дека сите се надевавме на освојување на првото место бидејќи работевме многу напорно на секојдневните тренинзи. Конкуренцијата беше доста добра, но на крај со одлични игри успеавме да бидеме најдобро пласирани од 8 екипи. Мислам дека успеавме да ги оправдаме очекувањата на нашите тренери.

Покрај натпреварувачки карактер за тие два дена голем број на учесници од различни школи од цела Македонија имаа можност за дружба, но и за споделување искуство од ракометната игра.

-Мислам дека овој турнир сите го гледаме како ново искуство посебно ние што учествуваме по прв пат. Но исто и како шанса да го покажеме нашето ракометно знаење кое ни го пренесуваат нашите тренери на тренинзите. Покрај натпреварувачкиот дел исто така овој турнир ни овозможи да се дружиме со други ракометари од школите на Вардар, па на ова гледам и како една голема шанса за започнување на нови другарства.

vardarfans-naslovna15-660x330

Пет победи од исто толку одиграни мечеви за избраниците на Филип Таневски. Во секој меч влегоа максимално мотивирани со голема желба да излезат како конечни победници.

-Јас сум презадоволен од резултатите што ги посигнавме на турнирот. Како што кажав имавме доста високи амбиции но на крај успеавме да ги оствариме, благодарение најмногу на нашите тренери Александар Таневски, Марјан Николоски и Адријано Котевски. Одигравме пет натпревари и ги добивме сите и мислам дека заслужено го освоивме пехарот за прво место. На сите натпревари игравме храбро и дисциплинирано, но и со голема желба за победа и иако уморни го дававме својот максимум на сите натпревари што на крај се исплатеше.

Во големото финале за противник го имаа тимот на Илинден, кој се обидуваше да даде достоен отпор на Прилепчани, но сепак квалитетот беше на страната на РК Филип кој беше подобриот тим на теренот.

-Сите очекувавме дека ќе ја оствариме нашата цел, а очекувањата станаа пореални после првиот ден од турнирот кога забележавме 2 победи против РК Бутел и РК Илинден со кој се сретнавме и во финалето. Вториот ден со победата над РК Преспа се пласиравме во полуфиналето како првопласирани во нашата група и полни со самодоверба го одигравме полуфиналето против РК Урдаревски кој според мене беше најдобар наш натпревар на овој турнир посебно во одбраната и се пласиравме во финалето со победа од 13:5. Бевме возбудени дека сме на чекор од остварување на нашата цел, но и присебни пред вториот меч со РК Илинден знаејќи дека се добар противник но сепак успеавме да ги победиме. И на тој натпревар продолжија нашите добри игри и иако тој натпревар го добивме со 17:11 беше доста неизвесно што покажува фактот дека пет минути немаше погодок во ниедна мрежа и на полувреме имавме предност од два гола, но клучниот период се случи на почетокот од второто полувреме кога направивме серија од 5:1 и до крај успеавме да ја задржиме предноста.

vardarrfans-golman

Токму Брајан Петкоски ја доби наградата за најдобар голман во генерацијата родени 2000/01.

-Сите учесници на турнирот имаа цел да се докажат дека се најдобри на својата позиција па исто и јас, иако главната цел ми беше да го освоиме турнирот а поединечната награда беше еден голем бонус. Наградата не ја очекував пред почетокот на турнирот и само го давав својот максимум на секој натпревар и се надевам дека ја оправдав довербата на тренерите. Радоста беше неопислива кога бев прогласен за најдобар голман, но ништо од ова немаше да се случи без моите соиграчи со кои си бевме огромна поддршка, но и Марјан Николоски кој е наш тренер на голмани и не подготвуваше мене и мојот соиграч Андреј Талески за предизвиците кои ги имавме на турнирот со квалитетни тренинзи и совети.

Брајан беше еден од најзаслужните за освоеното прво место на РК Филип, тој бранеше константно добро во текот на целиот турнир.

-Освојувањето на наградата за најдобар голман претставува едно огромно признание за мене и сум пресреќен дека некој го забележува трудот кој безрезервно го вложуваме ние младите. Оваа награда е мотивација за мене да работам уште понапорно, да се подобрувам и да продолжам со добрите натпревари на голманската позиција.

vardarfans-brajan

Брајан се надева дека неговите добри настапи ќе бидат препознаени од РК Вардар и ќе биде повикан на селекцијата која ја организира најголемиот клуб во Македонија.

-Јас сум задоволен од начинот на кој бранев на секој натпревар на овој турнир, но се разбира дека секогаш може подобро и постојат работи кои треба да се подобрат. На секој млад ракометар му е цел да заигра во младинските категории на РК Вардар и секако дека перформансите на турнирот имаат огромно значење, но сепак сигурен сум дека се следат нашите настапи низ текот на целата сезона и така се одбираат најдобрите. Така да на нас останува само да работиме напорно и да го даваме својот максимум на секој тренинг и натпревар.

РК Филип оваа сезона ќе атакува на првото место и во Јуниор лигата, со што ќе потврди дека е најдобриот тим во оваа генерација.

-Тоа е нашата цел и мислам дека имаме доста реални шанси бидејќи во текот на целата полусезона вклучувајќи го и турнирот „Еден живот, една љубов“ имаме само еден пораз. Па се надевам дека и во текот на останатиот дел од сезоната ќе продожиме да играме на високо ниво и ќе успееме да ги поправиме грешките па да се надеваме дека на крајот на сезоната ќе останема првопласирани и во Вардар Јуниор лигата.

Звонко Ивановски