За девет дена, Вардар ја започнува новата сезона и тоа со одигрување на првото коло во рамките на СЕХА-лигата. Шестта последователна година, црвено-црните главниот дел од подготовките го одбработија во Крањска Гора, висинско место кое нуди одлични услови за работа. Дел од тимот беа и тројца играчи од младинскиот погон на клубот, а еден од нив беше голманската надеж на Вардар и Македонската репрезентација, се работи за Андреј Петковски. Во продолжение од текстот можете да прочитате за впечатоците на Андреј од подготвителниот период, повикот во првиот тим, настапот на турнирот “Хеиде Куп“, како и во супер купот, каде стигнавме до првиот трофеј во новата сезона, воедно прв и за Андреј како дел од првиот тим.
-Голема чест ми е да бидам дел од овој тим кој беше европски шампион пред две сезони. Подготовките во Крањска Гора поминаа одлично, работевме напорно и на физичка подготовка и на тактичка, а за мене беше и добар период да се адаптирам со оваа екипа каде бев и одлично прифатен од сите играчи.
Андреј имаше голема привилегија да има можност да работи со голманската легенда, Дејан Периќ, кој сега има статус на тренер на голмани во Вардар.
-Посебно ми е чест да работам со голманска легенда како Дејан Периќ, презадоволен сум од неговиот пристап и начин на работа ми укажува на корекции и мислам дека имам голем напредок во овој период.
На силниот меѓународен турнир во Германија на кој го освоивме четвртото место, своја минутажа на голот доби и младиот Петковски, кој имаше неколку одбрани зад своето име.
-Турнирот во Германија беше нешто ново за мене, прв пат играв на таков силен меѓународен турнир со екипи од европската елита. Тренерите Парондо и Периќ имаа доверба во мене и ми дадоа шанса на два натпревари, каде мислам ја оправдав довербата, и истовремено да ја осетам атмосферата и ова високо ниво на ракомет.
Вардар го освои и вториот супер куп, во историјата на машкиот ракомет, кој се одигра на теренот во Струга. За противник го имавме тимот на Металург, кој го совладавме убедливо, а Петковски имаше можност да застане на голот и да забележи две одбрани.
-Суперкупот ни беше прва официјална утакмица оваа сезона во која влеговме во улога на фаворити и само победа беше опција. Атмосферата беше одлична и целата екипа одигра одлично со што ја потврдивме улогата на фаворити. Лично за мене ова беше одлично искуство, а во иднина продолжувам да работам напорно зашто има уште многу место за напредок.
Звонко Ивановски