Моментално е пауза во ракометната “Јуниор“ лига, а возбудувањата во ова натпреварување се очекува да започнат од средината на месец февруари. Ракометниот турнир “Вардар, еден живот, една љубов“ беше загревање за натпреварите кои ни претстојат во пролетниот дел од “Јуниор“ лигата, по кој на крајот од сезоната ќе ги дознаеме победниците во сие возрасни генерации. Дел од овој проект на ракометниот клуб Вардар се повеќе од 22 ракометни школи, а меѓу нив е и РК Кисела Вода-Вардар, за која настапува Христијан Петковски. Тој е син на прославениот поранешен голман на Вардар и Македонија, сега тренер на младинците, Зоран Петковски, додека неговиот брат, Андреј исто така се занимава со ракомет, односно е голман на РК Вардар 2. Христијан ќе не запознае како се одлучил да го избере ракометот, како и мислењето за проектот “Јуниор“ лига.
- Во ракометот сме цело семејство од кога знам за себе ,се сеќавам на последниот натпревар кога татко ми се откажуваше од ракомет, односно проштален натпревар. Бидејки немаше сериозна школа во мојата населба почнав со карате и кошарка, но набзо увидов дека тоа не се спортови за мене и се префрлив во ракометот. Тука се пронајдов , секако дека има удел што мојот татко и брат се занимаваат со ракомет, што претставува како додатен мотив. За време на викенди ракометот е некако резервиран за нашето семејство, или имаме натпревар или гледаме Вардар, или некое европско дерби.
Впечатоците од настапите во “Јуниор“ лигата се секако позитивни, ова натпреварување им дава можност на сите да го покажат својот квалитет кој несомнено дека го поседуваат.
-“Јуниор“ лигата претставува дружење, натпреварување кое го доживувам како отскочна ,,даска,, за она понатака што не очекува. Би сакал доколку е можно сите што покажуваат квалитет да тренираме заедно и учествуваме на меѓународни турнири и се прикажеме во одлично светло.
Христијан се надева дека ќе биде повикан на селекцијата која ќе се организира за неговата возрасна генерација и ќе добие можност да биде дел од младинските екипи на РК Вардар.
“Јуниор“ лигата има навистина огромно значење, одлично е организирана. Многу сум задоволен и секако чекам на пролет да започне селекцијата за 2004/05 година. Се надевам дека ќе поминам, каде официјално би започнале со пионерската екипа да се натпреваруваме во РФМ лигата.
Звонко Ивановски