Попладнево во салата “Кале“ се одигра пионерски дуел, екипата на РК Шкупи условно беше “домаќин“ на пионерскиот состав на ракометниот клуб Вардар. Во дуел во кој од првиот свиреж на судиската двојка доминиравме, момците предводени од Адријана Будимир дојдоа до висока победа и го продолжија одот на непоразеност во оваа конкуренција. Ние триумфиравме со резултат 8-35 (3-17).
По две неефикасни минути на стартот ние отворивме преку Мишевски, тој украде една топка и во контра успеаа да погоди за 0-1 во 3.минута од дуелот. Потоа за само 40.секунди зголемивме на 0-3, по две одлично одработени одбрани по што клупата на РК Шкупи побара тајм-аут. Сепак тоа не го сопра нивниот пад, ние поведовме со 0-11 во 13.минута со голот на Чакалиќ Бојан, дури тогаш Шкупи успеа да намали со гол од пенал на 1-13. Следеа пет минути во кој двата тима постигнаа по два гола во противничкиот гол, со резултат 3-15 влеговме во последните две минути од овој натпревар. Нашите момци во последните моменти повторно “блеснаа“ и успеаа да постигнат два гола, ја зачуваа мрежата и на одмор заминаа со предност од “плус 14“ гола. На семафорот стоеше 3-17 во корист на црвено-црниот пионерски колектив.
Вториот дел почна со по еден гол на двата пионерски состави, за резултат 4-18 на влезот во 3.минута од вторите 20.минути колку што се играат натпреварите во оваа конкуренција. Следеше нова пеколна игра во одбраната и казнување во нападот, не со серија 0-5, преку Чакалиќ Бојан поведовме со 4-23 во 26.минута по што тренерот на РК Шкупи побара нов тајм-аут. Сепак следуваа нови три гола во нивната мрежа, за предност од 4-26. Шкупи погоди вторпат во вториот дел во 9.минута кога намали на 5-26, за напомена нивниот прв гол беше во првата минута. Нашата одбрана цели 8.минути одлично ги затвараше сите приоди кон нашиот гол. Шкупи одигра две рамноправни минути потоа, двата тима погодија по два пати за резултат 7-28 на семафорот во “Кале“. Повторно проработе “црвено-црната машина“, во одбраната бевме немилосрдни како и во нападот па така во последните пет минути по серија 0-4 влеговме со резултат 7-31. Се до крајот беше обична рутина ние триумфиравме на крајот со резултат 8-35. Кај нас прв стрелец беше Бојан Чакалиќ со седум голови, Симон Калајџиски постигна шест , а Мишевски Марио стрелаше умешно пет пати. Посебна пофалба покрај одличната игра во напад и одбрана треба да им се одаде на голманите Чорогунов и Стојчевски кои одбранија на високо ниво.
РК Вардар: Стојковски, Мишевски 5 , Чакалиќ 7 , Павловски 1, Жерновски 3, Чорогунов, Димитриевски 3, Србиновки, Јанчев 4, Ѓуровски, Трајковски 1, Саврески 3, Димчевски 1, Мирчевски, Пешевски 1, Калајџиски 6.
Тренер: А.Будимир