Пионерите на ракометниот клуб Вардар ќе играат во полуфиналето на силниот меѓународен турнир “Трофеј Белград„ откако и на вториот натпреварувачки ден ја продолжија победничката серија. Црвено-црните ги добија и денешните два меча и на тој начин го освоија првото место во групата, што значеше и пласман во полуфиналето.
После вчерашните две победи против екипите на Вождовац и Рибница, утрово во рамките на третото коло се сретнавме со екипата на Шрам од Словенија, најголемиот конкурент на вардарци за првата позиција. Избраниците на Зоран Петковски го добија решавачкиот натпревар, победувајќи со резултат 14:10. На полувреме исто така имавме водство од 6:3. Во текот на целиот дуел бевме во предност и не му дозволивме на противникот посериозно да се доближи на нашата предност. Во последното 4.коло од групната фаза се сретнавме со екипата на Партизан од Белград, натпревар кој немаше резултатско значење за нашите момци. Сепак и овој дуел вардарци го добија совладувајќи го белградскиот тим со резултат 14:12. Многу работи околу конечниот победник беа решени уште по првите 15 минути, кога нашите пионери имаа солидна позитива од пет голови (9:4).
Попладнево со почеток од 16:40 часот не очекува полуфиналето на турнирот, а последната пречка до големото финале ќе биде екипата на Вараждин од Хрватска.