Tuesday ,07 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Целје нема што да бара во Скопје, Вардар со победа уште еден чекор поблиску до 1/4 во ЛШ
Целје нема што да бара во Скопје, Вардар со победа уште еден чекор поблиску до 1/4 во ЛШ

Целје нема што да бара во Скопје, Вардар со победа уште еден чекор поблиску до 1/4 во ЛШ

Уште само три натпревари го делат нашиот ракометен шампион за директен пласман во четвртфиналето од најголемото ракометно натпреварување. Два од нив се пред својата публика, а првиот го играме денес против екипата на Целје Пивоварна Лашко. Ова инаку ќе биде и четврти меѓусебен дуел на овие две екипи, а Вардар е  веќе во серија од три последователни победи против денешниот противник. Двете победи беа во рамките на СЕХА-лигата. Во истава сала ги совладавме со резултат 33:31, додека на гостински терен по еден триумф издвојувавме во рамките на СЕХА (29:40) и лигата на шампионите (26:32). Сепак Целје никако не е за потценување, а дека се работи за сериозен противник зборува и нивната победа во минатото коло против актуелниот европски шампион. Во составот кој го предводи Бранко Тамше настапуваат и неколку репрезентативци на Словенија кои освоија бронзен медал на последниот мундијал во Франција. Тројца од нив се наоѓаат и во ТОП-50 листата на најдобри стрелци во лигата на шампионите. Се работи за Блаж Јанц кој е на високото шесто место со 59 постигнати голови ( инаку нов играч од следната сезона на Киелце), потоа Лука Жвижеј кој е на 28 место со 47 голови ( новото засилување за ПСЖ) и Миха Зарабец кој зад негото име има впишано 40 погодоци. Тука е и искусниот Борут Машковчек кој на последниот меч против Киелце постигна 9 голови.

Екипа која е за респект и која не смее во никој момент да се потцени со оглед на нивната борбеност која ја пружат во текот на сите 60 минути. Целје моментално се наоѓа на шестото место кое носи пласман во осминафиналната рунда, но само само еден бод повеќе од екипата на Кристијанштад и два од последнопласираниот тим на ППД Загреб. Тоа е екипа која игра подеднакво добро на домашен и гостински терен, од тука треба да биде голема претпазливоста во пресрет на овој натпревар.

Квалитетот е секако на страната на Вардар кој го докажа и на претходните меѓусебни натпревари, а шансите за триумф се уште поголеми ако се знае дека црвено-црните ретко губат пред своите навивачи. Избраниците на Гонзалес имаат шанса по три сезони да се пласираат на завршниот турнир во Келн, а токму оваа шанса која ни се пружа треба да се искористи.  Денес на распогање го имаме комплетниот состав кој треба да донесе нова победа која ќе биде трета последователна во новата година во лигата на шампиони. Ги имаме сите предуслови да гледаме интересен и квалитетен натпревар, после кој сигурни сме дека ќе се радува нашиот шампион. Бидете денес во Јане Сандански од 17:30 часот да ги подржиме момците кон нова голема и важна победа.