Вардарци уште денес ќе имаат можност да го потврдат својот пласман во четвртфиналето од најголемото ракометно натпреварување. Тоа ќе биде остварливо, доколку црвено-црните со два бода заминат од гостувањето во Белорусија, натпревар кој започнува од 17:30 часот со директен пренос на МРТ-1.
Ова ќе биде нивни дванаесетти меѓусебен дуел, Вардарци имаат седум победи, четири се во корист на Брест Мешков, додека само еднаш натпреварот заврши без победник. За оваа сезона ова ќе биде петто соочување на двете екипи. Првото го доби Брест Мешков во подготвителниот период на турнир во нивна организација кога во финалниот меч славеа со резултат 29:26. Следеше натпревар во СЕХА-лигата кога ремизиравме, а првиот триумф оваа сезона го забележавме во рамките на најсилната група од лигата на шампионите, кога пред својата публика славевме со резултат 31:27. На крајот од 2016 година го одигравме и вториот меч во СЕХА-лигата, а овој пат избраниците на Гонзалес славеа со резултат 25:30. Во лигата на шампиони, Брест Мешков се наоѓа на петтото место на табелата, а интересно е тоа што има по четири победи, исто толку нерешени резултати и порази. Речиси да им е осигурано петтото место во групата, додека за четвртото место ќе водат борба со Пик Сегед зад кој заостануваат само еден бод. Најдобар стрелец на екипата е Растко Стојковиќ со 62 погодоци, додека новото засилување за Вардар од следната сезона, Даинис Кристопанс има 55 голови и е втор по ефикакасност во составот кој го предводи Бебешко.
После поразот на Рајн-Некар од екипата на Целје отворен е патот за нашиот шампион кон најдобрите осум екипи во Европа. Доколку тоа се случи тоа ќе биде четврти последователен пат откако Вардар обезбедува пласман во најдобрите осум екипи во најголемото ракометно натпреварување. Само уште една победа не дели од целта, а сите се надеваме дека таа ќе се случи денес во дуелот со Брест Мешков. Тренерот Гонзалес нема проблеми за составување на екипата и може да смета на сите играчи. Во новата година Вардар се наоѓа во серија од три последователни победи со добра можност победничкото темпо да продолжи и на денешниот меч.