Вечерва во спортскиот центар “Јане Сандански“ нашиот црвено-црн машки ракометен колектив го одигра второто коло во ЕХФ шампионската лига. Во истиот се сретна со познаникот од СЕХА регионалната лига , екипата на Брест Мешков, ние излеговме победници од овој меч со 31-27, на полувреме резултатот беше нерешен, 13-13.
Мечот почна со две водства на гостите , сепак двапати се враќавме со головите на Алекс Душебаев. Гостите успеаа да погодат двапати по ред и се одлепија на 2-4, што беше сигнал вардаровата клупа да побара минута одмор заради консолидација на своите редови. Што резултираше со намалување на резултатот преку Душебаев. Гостите погодуваат за 3-5 а ние со серија 3-1 , со два гола повторно на Душебаев и еден на Шишкарев изедначуваме на 6-6. Гостите од тимот на Брест Мешков кои се доста инспирирани се обидуваат и успеваат да се одлепат повторно, тие прават серија 2-5 и во 21 минута поведуваат со 8-11 што е најголема наша негатива во тој дел од мечот. Во продолжение по два гола на двете страни, резултатот повторно е “минус три“ за нас , 10-13 стои на семафорот во СЦ “Јане Сандански“ . Веднаш потоа погодуваме двапати по ред преку Борозан и Шишкарев за 12-13 што веднаш резултира со тајм-аут за гостите од Брест. Тоа им се покажа контра продуктивно бидејќи , успеваме да се одбраниме и преку Лука Циндриќ израмнуваме на 13-13 по 6-6 првпат сме на реми исход. Докрај останаа повеќе од 140 секунди, двата тима успеаа да промашат по неколку прилики и на одмор се заминува со резултатот од 28.минута , 13-13.
Вториот дел започна со погодок на гостите, тие тргнаа во нова офанзива. Сепак ние го имавме расположениот Вуко Борозан кој денес покажа каков квалитет поседува. Тој постигнува два гола , еден постигнуваат гостите за резултат 15-15. По овој резултат се отвори црвено-црниот вулкан, и силно еруптираше. На голот блесна Џамбо, ние направивме серија 5-0 , погодуваше Борозан, Македа и Чупиќ за комотно водство од 20-15, се смени сликата сега вардарци го диктираа темпото, а гостите беа подреден тим. Во продолжение по два гола на двете страни , резултатот беше 22-17, од судиите гостинскиот играч атман доби црвен картон. Гол за гол во продолжение, предноста “плус пет“ сеуште постои, 25-20 е резултатот во 20.минута од дуелот. Мечот доби постојан тек, во 25 минута водиме со 29-24, вардарци умно со сигурна игра го чиваат и одржуваат комотното водство до пет погодоци со кои влегуваат во последните пет минути од мечот. Доаѓа до опуштање во нашите редови и неколку, грешки гостите тоа го користата и со серија 0-3 намалуваат на 29-27 во 29 минута. Лесно ја надминавме оваа криза и на крај триумфиравме со 31-27. Најдобри стрелци кај нас беа Душебаев со 9 гола и Борозан со 7 гола.