Вардар е освојувач на 51.издание на традиционалниот ракометен турнир во Струга, после победата во големото финале против екипата на Алкалоид.
Во голем дел од натпреварот гледавме израмнета игра, иако Вардар беше тимот кој постојано беше во предност. После игра гол за гол, црвено-црните прв пат поведоа со 7:5 во 18 минута, кога организаторот на турнирот го прекина финалето поради дожд, па беше одлучено натпреварот да продолжи во салата „Тими“. После речиси еден саат пауза, продолжи финалниот натпревар на турнирот во Струга. Екипата на Алкалоид не му дозволи на Вардар да се одлепи резултатски и израмни на 8:8. На крајот од првиот дел, Вардар замина на одмор со минимално водство од 12:11. Во првиот дел, девет од дванаесет гола беа дело на Срдановиќ.
Во вториот дел, Вардар повторно поведе со два гола разлика, па противникот намали. Во последните пет минути, избраниците на Недановски направија серија од 3:0 и тоа беше решавачко за победата со резултат 20:25.
На овој начин, Вардар го освои 14. трофеј на турнирот во Струга.