Friday ,19 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Дибиров ја наполни мрежата на Нексе, Вардар со победа се враќа од гостувањето во Нашице
Дибиров ја наполни мрежата на Нексе, Вардар со победа се враќа од гостувањето во Нашице

Дибиров ја наполни мрежата на Нексе, Вардар со победа се враќа од гостувањето во Нашице

Иако во поедини моменти од натпреварот имаше негатива од четири голови, Вардар сепак со позитивен резултат ќе го стартува реваншот од 1/4 финалето против екипата на Нексе. Денес го одигравме првиот дуел во Нашице, кој заврши со победа на Вардар.

Тренерот Алушовски во нападот започна со Горбок, Скубе, Чупиќ, Стоилов, Дибиров и Шишкарев, додека на голот беше младиот Кизиќ, а во одбраната игравме со 5-1. Екипата на Нексе имаше предност во текот на целото прво полувреме, додека нашиот шампион постојано ја бркаше негативата. Интересно е тоа што до 20.минута од мечот, нашите двајца голмани, Кизиќ и Ристовски немаа ниту една одбрана, можеби една од причините што постојано бевме во негатива, иако и одбраната не функционираше на потребното ниво. Домашниот тим доаѓаше во чисти ситуации за погодок, пред се од пикерската позиција, Нексе постигна многу голови. Противникот во неколку наврати имаше предност од три голови, но Вардар не дозволуваше мечот да отиде во непосакуван правец, од кој можеби ќе беше и тешко да се вратиме. Откако хрватскиот претставник поведе со 13:10, Алушовски се реши да побара тајм-аут. Добро дојдоа неговите совети, со оглед дека направивме серија од 0:3, со погодоците на Толедо, Дибиров и Стоилов, во 27.минута го израмнивме резултатот на 13:13. Конечно на нашиот гол, Борко Ристовски за кој ова беше деби натпревар, ја забележа својата прва, а набргу и втората интервенција. Ние имавме дури и напад, за прва предност на дуелот, но не го реализиравме. Откако Нексе поведе со 15:14, ние вративме со гол на Дибиров од пенал, за израмнување на резултатот, додека Нексе не успеа да го реализира својот последен напад, односно ние одигравме добро во одбраната. Така на полувреме ниту една од екипите немаа предност, резултатот на семафорот гласеше 15:15.

Откако Борко ја забележа и третата одбрана и после шест израмнувања, стигнавме и до прва предност на натпреварот. Благодарение на двата последователни голови на Толедо, Вардар во 34 минута стигна до водство од 16:17. Во следните шест минути, Нексе направи серија од 6:3 и успеа да поведе со 22:20, а противничкиот голман стигна и до својата седма одбрана. Нов пад во нашата игра, неразбирливо, дозволуваме повторно Нексе да се одлепи на четири разлика, 24:20 беше резултатот по 42 минути игра. Ова беше знак за Алушовски да го повика својот прв тајмаут во второто полувреме. Домаќинот имаше позитива и од 26:22, но Дибиров врати со два гола во серија и намали на 26:24, додека Ристовски ја забележа и четвртата своја одбрана. Одлични минути за Вардар, продолжи нашата серија и преку Скубе, како и со нов гол на Дибиров во 50 минута стигнавме до резултат 26:26. Дибиров можеби го одигра најдобриот меч сезонава, руското крило го постигна и својот десетти гол од исто толку обиди, нова мајсторија на Тимур за израмнување на 27:27. Влеговме во финишот на мечот со гол предност, откако Дибиров го продолжи стопроцентниот ефект, носејќи ни водство од 29:30. На крајот стигнавме и до победа со резултат 30:31.

 Дибиров одигра одличен дуел, постигнувајќи 12 голови. Скубе имаше 6, додека Шишкарев и Горбок имаа по 4 гола. Ристовски Борко имаше 7 одбрани во деби натпреварот за Вардар.