Денес продолжија натпреварите во ракометната Јуниор лига, кои се играа во големата и малата сала на спортскиот ракометен центар Јане Сандански. Победи во машка конкуренција за екипите на РК Кале-Вардар и РК Урдаревски, генерација родени 2002/03 година.
РК Кале имаше постојано водство во текот на целиот натпревар и на крајот сосема заслужено го доби мечот со екипата на РК Бисинов. На полувреме имаа предност од 9:4. Екипата на Бисинов одржуваше резултатска рамнотежа во првите пет минути, кога имаше негатива од само еден гол 3:2. Од тие моменти РК Кале успева да направи серија од три погодоци за највисоко водство од 6:2. До крајот на првиот дел само ја зголемуваа предноста, за со сигурно водство да влезат во вториот дел.
Во второто полувреме разликата се движеше од 4-5 голови предност за РК Кале. Бисинов успеваше на моменти да се доближи на три гола негатива. Сепак до крајот немаа сили за поголем резултатски пресврт за конечни 21:17 на овој натпревар.
Триумф и за екипата на РК Урдаревски во дуелот со Академија, кои започнаа сигурно со водство од 1:4. Оваа позитива од три голови ја одржуваа до крајот на првиот дел, за на пауза да се замине со резултат 5:8. Вториот дел започна со голот на Урдаревски за прв пат да имаат позитива од четири голови. Решавачкиот чекор кон победата Урдаревски го направи кога при резултат 7:10, направи серија од дури седум последователни погодоци за двоцифрена предност од 7:17. На крајот конечниот резултат гласеше 8:19.