Во малата сала на спортскиот центар Јане Сандански продолжија натпреварите во ракометната Јуниор лига. Во машка конкуренција победи забележаа екипите на Преспа Вардар и РК Урдаревски.
На натпреварот помеѓу екипите на Преспа и Урдаревски во генерација родени 2002/03 година, подобра беше екипата на Преспа. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 19:11. Тимот на РК Урдаревски го постигна првиот гол на овој меч, но врати тимот на Преспа со серија од пет погодоци за водство од 5:1. Оваа предност успеаа да ја одржат до првото полувреме, кога на краток одмор се замина со резултат 10:5.
Вториот дел започна со гол на Преспа за веќе убедливи 11:5. Сепак екипата на РК Урдаревски не се предаваше, па со подобра игра во продолжение успеа да го намали резултатот на 13:10. Но Преспа го направи завршниот удар, тие со нова серија од четири последователни голови направија највисоко водство на мечот од 18:10. До крајот по еден гол за двете екипи, за конечен резултат од 19:11.
Тимот на РК Урдаревски сепак успеа да забележи триумф во Јуниор лигата, но во генерација родени 2000/01 година. Совладана беше екипата на Академија 2, со резултат 13:10. Заслужен триумф за РК Урдаревски кој имаше контрола на резултатот и постојано водство во текот на целиот меч. Уште од стартот беше најавена победата откако поведоа со 5:0. Истата позитива ја имаа и на полувреме, кога резултатот гласеше 8:3.
Второто полувреме донесе мала неизвесност, откако екипата на Академија 2 успеаа да се доближи на само два гола негатива (11:9). Сепак со два погодоци во серија РК Урдаревски стави точка на овој меч, за конечни 13:10.