Денес во големата сала на спортскиот центар Јане Сандански стартуваше 2.коло во ракометната “Јуниор„ лига. Во машкиот дел кај генерацијата родени 2008/09 година се одиграа два натпревари. Победи забележаа екипите на Бисинов од Велес и Седмерец од Охрид. Мечевите се играат по две полувремиња од по 12 минути.
Во еден интересен натпревар екипата на Бисинов од Велес беше поуспешна од тимот на Ангели од Скопје. Мечот со гол го отвори екипата на Ангели, но велешани постигнаа два гола во серија и поведоа со 2:1. За момент израмни екипат на Ангели, но Бисинов повторно со мини серија од два погодоци за прв пат имаат два гола позитива (4:2). Уште во два наврати, Бисинов имаше предност од два гола, додека на одмор се замина со минимално водство од 6:5.
Вториот дел започна со погодок на Бисинов за повторно да ги вратат два гола предност, веднаш намалија Ангели, но екипата на Велес со два последователни голови за прв пат имаше предност од 9:6 и тука беше решен победникот. Мирно и паметно одигра Бисинов до крајот, екипата од Скопје намали, но тоа не беше доволно за да се избегне пораз. На крајот победа за Бисинов со резултат 11:10.
На вториот натпревар се сретнаа екипите на Седмерец и РК Кисела Вода Вардар. На овој меч триумф оствари екипата на Седмерец и тоа заслужено. Охриѓани во текот на целиот меч имаа предност, а само на почетокот резултатот беше израмнет на 1:1. Од тој момент следеше серија на Седмерец од 5:0 за највисоки 6:1. До крајот на првото полувреме по еден гол на двете страни, за резултат 7:2 на полувреме.
И во второто полувреме екипата на Седмерец имаше контрола на резултатот, а победникот беше решен кога екипата од Охрид имаше највисоко водство од 11:4. На крајот победа за екипата на Седмерец, која е дебитант во “Јуниор лигата„, изразена со резултат 13:5.