Продолжуваат победите за црвено- црните момчиња тие во третиот меч во рамки на СЕХА регионалната лига ја остварија третата победа. Вчера на домашен терен во С.Ц Јане Сандански го победија вицешампионот на Хрватска тимот на Нексе со резултат 31:28 (13:10) .
Избраниците на Раул Гонзалес во мечот влегоа резервирано со единствена цел да останат трите бода во Скопје. Вардарци одлично го почнаа мечот и во 10-минута водеа со 5:2 . Потоа следеше период на опуштање и гостите најпрво поведоа со 8-6, а потоа и со 10-8 во 22 минута од првиот дел. Вардар по овој резултат почна да ја засилува одбраната и ја смени формацијата во дефанзива од 6-0 во 5-1 каде најистурен бешеТимур Дибиров. Тогаш следуваше голем пресврт во мечот и серија од 5-0 со која црвено- црните отидоа на пауза со повoлен резултат од 13-10.
Вториот дел започна како што и заврши првиот со целосна доминација и зголемување на предноста на домашниот тим. Следеше нова серија овој пат од 4-2 со која црвено-црните ја зголемија предноста на плус 5 погодока односно 17:12, по само 5 минути игра во вториот период. Највисоката предност на мечот беше постигната неkaде на половината од вториот дел, кога вардарци поведоа со 23:16. Тука следеше мало опуштање на нашите момци и јуриш на хрватскиот состав кој успеа со серија 6:1 да го доближи резултатот на семафорот на само 2 гола позитива за РК Вардар 24:22. До крајот на мечот вардарци рутинирано играа гол за гол и крајниот резултат на овој сеха дуел беше 31:28. РК Вардар во целиот меч покажа дека го контролира резултатот и дека победата не е доведена во прашање. Единствен проблем кој се назира е лошата реализација од 7 метри бидејќи Лелиќ ни одбрани 3, а другиот голман на Нексе Јузбашиќ ни одбрани 1 казнет удар.
Најдобар поединец во црвено-црниот состав дефинитивно беше голманот Арпад Штербик кој запиша 17 инервенции. Кај стрелците во домашниот тим листата изгледа вака : Лацковиќ 4, Карачиќ 4 , Душебаев 4 , Дибиров 4, Горбок 4, Шишкарев 4, Марсениќ 3,Тоскиќ 2, Манасков 2 .