Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Победнички да ја завршиме годината во ЛШ, Веспрем мора да падне пред налетите на Европскиот Шампион
Победнички да ја завршиме годината во ЛШ, Веспрем мора да падне пред налетите на Европскиот Шампион

Победнички да ја завршиме годината во ЛШ, Веспрем мора да падне пред налетите на Европскиот Шампион

Денес во С.Ц. Јане Сандански од 17:00 часот не очекува нов ракометен спектакл, екипата на Веспрем гостува кај Европскиот Шампион. Ова е последен натпревар за годинава во Лигата на Шампионите, на кој црвено-црните ќе се обидат да го добијат.

Овие две екипи играа и во големото финале минатата сезона, кога во „Ланксес Арената“ во Келн, Вардар успеа да го победи Веспрем и да ја освои втората Европска титула. Ова ќе биде втор меѓусебен дуел сезонава на овие екипи, првиот одигран во Унгарија го доби убедливо тимот на Веспрем, кој славеше со резултат 39:30, тој меч беше веднаш после отказот на Давид Писонеро како главен тренер на Вардар. Интересно, минатата сезона игравме повторно во иста група со овој противник, Вардар и Веспрем забележаа по една победа, но на теренот на противникот. Така, црвено-црните славеа во Унгарија, но унгарскиот шампион го врати ударот и успеа да не победи во истава арена, каде вечерва ќе се одигра дербито на колото во најсилната група Б.

Вардарци и на денешниот дуел ќе излезат некомплетни. Бразилскиот интернационалец, Толедо, ќе го пропушти и последниот натпревар за годинава во ЛШ, додека во составот ќе ги нема ниту Дисингер кој пред три дена се оперираше. Новитет е враќањето на Сергеј Горбок кој претходно пропушти неколку мечеви, па тој заедно со Атман ќе ја сочинуваат левата бековска позиција. Радува фактот што во составот го имаме и Кристопанс, кој беше неизвесен за овој дерби меч. Направивме и голманска измена, на местото на Кугис, вклучен во составот е младиот Васил Гогов, кој заедно со Гедбан и Кизиќ ќе ја сочинуваат голманската тројка. Давид Дејвис ќе го има на располагање речиси најсилниот состав, со исклучок на французинот Кентин Мае, над кој беше направен хируршки зафат, кој ќе го одалечи од терените во наредниот период. На табелата, екипата на Веспрем има три бодови повеќе од нашиот Вардар.

Билетите од поодамна се распродадени за овој дерби дуел, а од клубот пуштија и дополнителни билети за стоење, така што денес Веспрем го очекува вистински пекол во С.Ц. Јане Сандански. Сите кои не обезбедија билет за мечот, директен пренос ќе можат да проследат на МТВ и Арена Спорт 3.