Кадетите на РК Вардар со победа го завршија есенскиот дел од сезоната, откако изминатиов викенд славеа на гостувањето кај екипата на Вардар Неготино. Натпреварот кој се одигра во Неготино, заврши убедливо во корист на вардарци со резултат 18:34.
Во првите седум минути гледавме игра гол за гол, а последното израмнување на натпреварот беше при резултат 4:4. Вардар полека успеа да ја превземе контролата на играта и резултатот, па така со серија од 1:6 се одлепи на солидна предност од пет гола разлика (5:10). Следеше период кога и двете екипи постигнаа по два гола, за резултат 7:12, но до крајот на првиот дел, нашите млади надежи со нова серија на погодоци, успеаа на кратка пауза да заминат со висока предност од 10:18.
Немаше никаква резултатска неизвесност во вториот дел од натпреварот, едноставно вардарци само ја зголемуваа разликата. На крајот победата дојде со дури 16 голови разлика, резултатот на семафорот гласеше 18:34.
Во нашите редови се истакнаа Максим Тодоровски со 7, потоа Огнен Тасевски и Давид Најдовски кои постигнаа по 6 голови. Во листата на стрелци се запишуваа уште и Алексеј Цветковски (4), Андреј Јанакиевски (3), Иван Најдовски (3), Ангел Мирчевски (2), Матеј Тасевски, Матеј Трпевски и Дамјан Илиевски имаа по 1 гол.
Во рамките на 6.коло, кадетите на Вардар ремизираа со екипата на Голден Арт. Натпреварот кој се одигра во салата Круме Кепески заврши со нерешен резултат 25:25.
Гледавме интересен и квалитетен натпревар, кој во најголем дел од првото полувреме беше израмнет. Екипата на Голден Арт поради подобра игра во последните десет минути успеаа на полувреме да се стекнат со предност од три гола, резултатот по 30.минути игра беше 9:12 во корист на гостите.
Во второто полувреме, тимот на Голден Арт поведе и со 13:15, но нашите кадети имаа добар период во играта, кога успеаа да поведат со 18:17. Се влезе во период кога се играше гол за гол на двете страни, кога и двете екипи се менуваа во предност, која не беше поголема од еден гол разлика. На крајот поделба на бодовите за двете екипи.
На овој меч, најефикасен кај нас беше Огнен Тасевски со постигнати 10 голови, додека Иван Најдовски имаше 7. Голови запишаа уште и Максим Тодоровски (3), Давид Најдовски (2), Андреј Јанакиевски (2) и Ангел Мирчевски (1).
Есенскиот дел го завршивме на 5.место во групата Б. Екипата предводена од Даниела Тасеска на седум одиграни натпревари освои вкупно 10 бодови, или имаше 3 победи, исто толку порази и 1 нерешен резултат.