Wednesday ,22 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Во невообичаена завршница ,Вардар и Брест Мешков ги поделија бодовите на стартот од сеха-лигата

Во невообичаена завршница ,Вардар и Брест Мешков ги поделија бодовите на стартот од сеха-лигата

Вардарци со нерешен резултат ја отворија новата сезона во сеха-лигата. Во спортскиот центар Јане Сандански ги поделивме бодовите со Белорускиот шампион, екипата на Брест Мешков. Конечниот резултат гласеше 34:34.

Во стартната постава се најдоа и новите засилувања, Кањелас и Борозан. Мечот започна со одлична цепелин акција на Душебаев и Дибиров, кој на спектакуларен начин во погодок ја претвори руското крило. Во првите шест минути од натпреварот, Штербик беше одличен на голот, забележувајќи четири успешни интервенции. По нашето почетно водство следеше серија на противникот од три последователни гола за предност од 1:3. Во 9 минута од дуелот го проследивме првото израмнување на 9:9, со првиот гол на Абутовиќ. Од таа минута па се до крајот на првото полувреме екипата на Брест Мешков се наоѓаше во постојана предност. Со два последователни погодоци на новото засилување, иранецот Џамали, Белорусите стигнуваат до највисоки четири голови предност (7:11). Вардарци вратија во иста мера и со голот на Кањелас намалуваме на 9:11. Неколку наши грешки и избрзани напади му овозможуваа на Брест да ја одржи оваа позитива и на полувреме да замине со солидно водство од 15:18.

Идентично како првото, така и второто полувреме започна со гол на Дибиров за намалување на резултатот на 16:18. Атман бргу врати на спротивната страна, но Вардарци одговараат со серија од два последователни гола, за намалување на само гол негатива 18:19. Во овој период од играта Кањелас и Дибиров беа најефикасни играчи во нашиот состав. Како одминуваше мечот, црвено-црните полека но сигурно се доближуваа до водството на Брест Мешков. Новото засилување, Бразилецот Фереира го постигнува својот прв погодок, додека во следниот напад исто така реализира Шишкарев за второ израмнување на мечот 23:23. Интересен ракомет следевме во следниот период, гостинскиот тим повторно дојде до два гола позитива, но Вардар ги врати двата погодоци за резултат 25:25 на десет минути пред крајот на натпреварот. Душебаев успева да донесе предност за Вардар, кое беше второ на овој меч, дури после првата минута кога го отворивме резултатот. Од тој момент како да беше скршен отпорот на противникот, иако Брест го израмни резултатот следеше наша серија од два погодоци, за прв пат да имаме два гола позитива (29:27). Дибиров беше наш најрасположен играч во клучните моменти, кој ја одржуваше стекнатата предност од два гола. На две минути пред крајот Циндриќ зголеми на 33:30, што во тие моменти изгледаше дека лесно ќе го приведеме мечот до крајот. Словенецот Симон Разгор со два последователни гола се закани резултатски, намалувајќи на 33:32, додека Кристопанс успева да израмни на 33:33. Сепак во последниот наш напад Лука Циндриќ успева да погоди за водство од 34:33. Кога сите помисливме дека забележавме победа и судијата отссвири крај се јави записничката маса, според која на Стоилов му беше покажан црвен картон. Тоа според новите правила значеше удар од седум метри за Мешков, кој успешно го реализираше Стојковиќ, за конечен резултат од 34:34.

Дибиров беше најефикасен со 9 голови. Кањелас постигна 6, додека Циндриќ 5 и Душебаев 4 погодоци.