Вардар Јуниор и ГРК Борец ги поделија бодовите на натпревар во рамките на супер лигата. Овој меч се одигра во спортско рекреативниот центар Кале и заврши со нерешен резултат 31:31.
Првите пет минути од мечот поминаа израмнето, со гол за гол на двете страни , до моментот кога Вардарци полека но сигурно започнаа да се одлепуваат од противникот. Избраниците на Стојан Петрушевски во неколку наврати имаат два гола предност, а во еден момент и три гола разлика 9:6. Сепак во наредниот период гостинот од Велес успева да стигне до израмнување на резултатот на 11:11. Следи голема серија на младиот состав на Вардар од пет последователни голови, за веќе високи пет гола предност, или резултат 16:11. До крајот на првото полувреме го одржавме стекнатото водство и на полувреме се замина со резултат 17:14 во корист на Вардар.
Второто полувреме започна со наш погодок за водство од 18:14. Добро се одвиваше натпреварот за црвено-црните до 45 минута од мечот, кога ги вративме оние највисоки пет голови разлика, за последен пат имавме предност од 20:15. Тогаш следеше несфатлив пад во нашата игра, што му овозможи серија на ГРК Борец од 1:5, за намалување на само еден гол разлика. Имавме и водство од 24:22, но следи нова серија на гостинскат екипа, за комплетно свртување на резултатот на 24:26. Ова беше само второ водство, по она почетното за тимот на Борец. Во последните осум минути, оваа позитива беше во корист на Велешани, последното беше 29:31. Сепак упорноста на крај се исплатеше, најпрво израмни Симиќ на 31:31, додека во последната секунда голманот Ѓорѓески одбрани удар од седум метри, по што мечот заврши со нерешен резултат.
Убедливо најефикасен во нашиот состав беше Ристо Вујачиќ со 9 погодоци.
РК Вардар Јуниор: Ивановски, Димов, Георгиевски 6, Димитровски, Ангелов 1, Кизиќ, Анастасовски, Ѓорѓески, Поповски 6, Трпчевски 1, Симиќ 4, Стојковски, Манасков 4, Кукуловски, Вујачиќ 9, Ончев.