Вардар за гостувањето кај Татран Прешов во дуел од СЕХА регионалната лига се одлучи да отиде со неколкумина млади играчи на кој тренерот Гонзалес ќе им даде прилика. Дебитира за првиот тим црнагорскиот интернационалец Ристо Вујачиќ. Покрај него од младите момци ќе патуваат и Даниел Ѓорѓески, Мартин Поповски и Иван Димитровски. Поштеда од сегашните првотимци ќе има за следниве играчи: Арпад Штербик, Вуко Борозан, Стојанче Стоилов, Алекс Душебаев и Данил Шишкарев. Тренерот на црвено- црните Раул Гонзалес за ова гостување го изјави следното:
Ние сме на првото место на табелата и треба да сториме се таму и да останеме. Вардар е во добра позиција и за нас е важно да победиме, зашто после овој дуел претстои пауза за настап со репрезентациите. Треба да останеме фокусирани на мечот, и паметиме дека лани победивме со само еден гол. Тогаш Татран играше многу добро и тоа е знак за нас да бидеме претпазливи зашто и тие знаат да бидат многу опасни. Ќе играме со некои помлади играчи и верувам дека ова е прилика да ги покажат сопствените можности и потенцијал.
Средниот бек на вардарци, хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ за мечот во гости со Татран Прешов во регионалната СЕХА лига вели:
На првиот меч сезонава против Татран успеавме да победиме со голема разлика. Но сметам дека резултатот беше не реален, зашто покажаа дека можат да бидат сериозен тим кој е особено опасен пред домашна публика. Очекуваме тежок натпревар и ќе бидеме фокусирани на победа пред да заминеме на подготовки со националните репрезентации, и да заминеме со позитивна атмосфера.