Во отсуство на Деревен кој има мала повреда и не беше во составот против Нексе, Лацковиќ доби шанса да игра повеќе во нападот. Заедно со Горбок имаа подеднаква минутажа во нападот и двајцата постигнаа по 4 голови. Да потсетиме дека поранешниот Хрватски репрезентативец дојде во Вардар, минатата сезона од екипата на бундеслигашот Хамбург. Сепак на почетокот во лигата на шампионите доби незгодна повреда, која го одалечи од теренот цела сезона. Иако постоеа шанси да се врати на крајот од супер лигата, тоа не се случи па моравме да ја завршиме сезоната без него.
Подготовките ги започна со целата екипа, уште од самиот старт. Во една изјава за нашиот сајт на “Вардар турнирот“ напомена дека одлично се чуствува и дека повредата за него е веќе минато. По подолго време имавме можност да го видиме да одигра повеќе од половина натпревар. Започна во одбраната заедно со Абутовиќ и Тоскиќ, а подоцна доби прилика од Гонзалес да игра и во нападот. Успеа да постигне 4 голови и полека да потсетува на “стариот“ Лацковиќ од добрите времиња. Покрај останатите пет играчи кои го засилија Вардар ова лето, не треба никако да се заборави и стариот лисец Блаженко, од кого очекуваме многу голови и добри игри во претстојната натпреварувачка сезона. Ќе биде и повеќе од потребен и голема корист за црвено-црните, кои ги очекува долга сезона и голема борба на четири фронтови.