Вардар со минимален пораз од Нант го заврши турнирот во Стразбур на шесттото место.
Вардарци и покрај тоа што беа ослабени на овој натпревар за неиграњето на Карачиќ, Стоилов и Борозан добро го започнаа овој натпревар и од самиот старт имаа предност, која најмногу достигна до четири голови ралика, во 12 минута од дуелот кога резултатот на семафорот гласеше 4:8. Исклучок беа само првите две минути, кога Нант поведе со 2:0, но Вардар бргу возврати и го израмни резултатот. Сепак екипата на Нант успеа да се врати во игра и со серија од 3:0 намали на само еден гол негатива (7:8). Мора да се напомене дека на голот на црвено-црните одличен беше, Дејан Милосављев кој по првото полувреме имаше двоцифрен број на одбранети удари и беше најзаслужен за минималното водство што Вардар го имаше по првото полувреме. Најефикасен во нашиот состав по првото полувреме беше Кристопанс кој постигна четири голови, а најновото засилување на пикерската позиција, Глеб Калараш започнува да се вклопува во системот на игра кој го наметнува Парондо, рускиот репрезентативец беше стрелец на два гола, исто толку постигнаа и неговите соиграчи од репрезентацијата, Дибиров и Кисељев, додека Горбок беше втор стрелец со 3 голови. По првиот дел, Вардар имаше минимална предност од 14:15.
Во вториот дел гледавме рамноправна игра на двете страни. Сепак противникот успеа да направи резултатски пресврт и на крајот да слави со резултат 29:27. Решавачки беше периодот кога при нерешен резултат од 22:22, екипата на Нант постигна три последователни голови и стигн до највисоко водство, кое до крајот го задржи. Најфикасни во редовите на Вардар беа Горбок и Кристопанс кои постигнаа по 5 голови, додека по 4 беа дело на крилата, Чупиќ и Дибиров. Милосављев имаше неверојатни 19 одбрани.
Вардарци после мечот се враќаат во Скопје, во среда ги очекува првиот натпревар во рамките на СЕХА-лигата, против екипата на Металург.