Вардар е поразен на натпревар од СЕХА-лигата. На гостувањето во Нашице, бевме поразени од екипата на Нексе. Ова е втор последователен пораз во ова натпреварување за Вардар.
Вардар тргна очајно во напад, промашуваше, а тоа домашните играчи го казнуваа. Нексе успеа да поведе со 5-0 до 7.минута. Прв пат погодивме од пенал преку Иван Чупиќ. Вардарци заиграа сосема различно, поангажирано во одбранта и креативно во нападот, тоа донесе серија 0-5 со која дојдовме до реми (5-5). Домаќинот беше во налет, со серија 3-0 поведе со 8-5. Стевче Алушовски побара тајм-аут со цел да не „потонеме“ повторно на резултатски план. Успеавме да изедначиме на 9-9 во 18.минута, потоа Борко Ристовски одбрани одлично, во напад Талески стрелаше за прво водство (9-10) на црвено-црните во 20.минута. Домашниот состав успеа повторно да ја преземе иницијативата и да поведе, во последната минута влеговме со два гола негатива (15-13), се одбранивме и нашиот голман Борко Ристовски стрелаше од гол на гол. Со неговиот погодок на пауза заминавме со минимлано заостанување, односно со негатива 15-14 на овој меч од регионалната СЕХА Лига.
Екипата на Нексе го отвори вториот дел со гол за предност од два гола, но вардарци вратија со серија од 0:3, два гола беа на Гаџа и еден на Дибиров, за наша предност од 16:17. Наизменично се менуваа екипите во предноста која не надминуваше повеќе од еден гол, а ново израмнување видовме во 42 минута кога резултатот беше 22:22. Само за 90 секунди домашниот тим направи серија од 3:0 и поведе со 25:22, што беше знак за Алушовски да побара минута одмор. Вардар беше во лош период, Нексе стигна и до пет гола позитива, а Алушовски повторно побара тајмаут. Во игра го видовме и Карапалевски кој внесе живост во нападот, постигнувајќи три последователни голови, намалувајќи на 29:26 во 50 минута, додека Ристовски ја забележа и седмата одбрана. Голманот на Нексе стигна до својата 15 одбрана, најзаслужниот што неговиот тим се стекна со солидна предност во последниот дел од натпреварот. Нексе го зачува водството за триумф со резултат 36:32.
Дибиров беше најефикасен со 9 голови, додека Гаџа постигна 6. Ристовски на голот имаше 9 одбрани.