Во текот на вчерашниот ден се одиграа и последните натпревари во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Настап вообичаено имаа и играчите од редовите на Вардар.
Русија со нова победа го потврди пласманот на ЕП, откако пред своите навивачи убедливо ја совлада селекцијата на Словачка. На овој дуел шанса добија помладите ракометари, додека поискусните помагаа кога беше потребно. По 20 минути игра, Словачка успеа да постигне само три гола, наспротив 12 на Русија. Оваа позитива „зборнаја“ ја одржуваше до крајот на првото полувреме, кога резултатот беше 17:8. Во вториот дел, репрезентацијата на Словачка успеа да намали на 23:18, по што следеше тајмаут на Едуард Кокшаров. Не дозволија Русите резултатска неизвесност, повторно ја зголемија предноста и имаа двоцифрена разлика (30:20), резултат со кој заврши овој натпревар.
Калараш имаше 3 голови, додека по еден беа за Дибиров и Кисељев. Во составот беа и Горбок и Шишкарев, кои не се запишаа во листата на стрелци.
Репрезентацијата на Летонија за која настапува Даинис Кристопанс, иако загуби од Холандија, сепак успеа да се пласира за прв пат на Европските првенства. Холандија славеше во дуелот со Летонија (25:21), натпревар на кој Кристопанс постигна 2 гола.
Србите по голема „драма“ успеаа да се пласираат на ЕП, откако на домашен терен ја совладаа селекцијата на Швајцарија (32:31). Иако на десет минути пред крајот на мечот, Србија имаше солидно водство од 26:22, Швајцарија успеа да направи голем пресврт и да поведе со 30:31, но Србите постигнаа два гола, последниот беше дело на Зеленовиќ, за конечни 32:31 на овој интересен дуел. Дејан Милосављев мечот го заврши со 6 одбрани.