Wednesday ,01 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Позитивна атмосфера кај Вардарци, кои се подготвени да го добијат финалето против Веспрем

Позитивна атмосфера кај Вардарци, кои се подготвени да го добијат финалето против Веспрем

Вардар и Веспрем вечерва со почеток од 20 часот ќе се борат за третиот трофеј, со што ќе постанат најтрофејна екипа во ова натпреварување. Двете екипи ги добија полуфиналните мечеви со Загреб и Брест Мешков и ја добија можноста да играт во големото финале, иако црвено-црните по полесен пат ја поминаа последната пречка до финалето. Ќе имаме можност да уживаме во уште еден спектакл кој ќе ни го приредат двете екипи. Ова ќе биде реприза на финалето од минатата сезона, кога во Вараждин славеа Унгарците. Пред денешниот натпревар, позитивна атмосфера владее во нашиот состав, кој најавува максимална борба и прва титула во оваа натпреварувачка сезона.

-Денес е финале, а како и секое финале тука нема фаворити и јасни издвојувања. Добри сме, рекупериравме од натпреварот против Загреб и имаме енергија за уште еден силен натпревар. Арпад има мали проблеми со грбот, но имаме и други варијанти на голот. Дибиров е единствена опција на крило, Недановски е повреден, но и тука можеме да комбинираме. Не треба да се трошат зборови на Веспрем, тие ја подигнуваат формата и големите екипи тоа го прават многу често, тоа е нормално за нив. Ни престои најважниот период од сезоната и спремни сме да го одиграме најдоброто од себе, изјави Раул Гонзалес.

Капитенот Стоилов најави одмазда за споменатииот пораз од минатогодишното финале, истакнувајќи дека двете екипи доволно се познаваат, за да има некои поголеми изненадувања. Тој смета дека желбата и поголемиот мотив ќе го одлучат шампионот на СЕХА-лигата.

-Подготвени сме за одмазда за минатогодишниот пораз. Навистина сме силно мотивирани, имавме добра игра против Загреб, имаме одлична атмосфера во тимот, сите предуслови за квалитетно финале. Лично подготвен сум како и секогаш за жестока борба. Веспрем имаат добра одбрана, но ние имаме план како да ја разбиеме. Искрено двете екипи добро се познаваат меѓу себе, и сигурен сум дека на вакви натпревари не може да има некои големи изненадувањата. Мислам дека мотивот пред се ќе одлучи.

Штербик го нагласи лошиот ден на голманите на полуфиналниот натпревар. Сепак големиот Арпад вели дека ако сакаме да го добиеме финалето, ќе мора голманите да бидат на висина на својата задача.

-Победивме и тоа е најважно. Ретко се случува можеби никогаш повеќе, среќа што ниту нивните голмани не беа на висина на задачата. Не можеме често да видиме натпревар кој го одлучуваат пенали во ракометот. Но во последните две години Веспрем и Брест играат нерешено во полуфиналето на СЕХА Ф4. Против Загреб добро одигравме во одбрана и напад, но ако сакаме да го добиеме Веспрем мора и голманите подобро да бранат.