И во новата натпреварувачка сезона на СЕХА-лигата ќе гледаме десет екипи, кои ќе се борат за првото место. Актуелен освојувач е тимот на Вардар, кој со четири трофеи е најтрофеен во ова натпреварување.
Што се однесува до составот на екипите кои во новата сезона ќе бидат дел од СЕХА-лигата, има мали промени во тој поглед. Нема да имаме можнот да ги гледаме екипите од Словенија, тоа се Целје Пивоварна Ларшко и Горење Велење, кои поради дополнителниот зголемен број на натпревари во домашното првенство, како и во Европските натпреварувања, беа принудени после една сезона да ја напуштат СЕХА-лигата. Иако постоеше можност за враќање на Веспрем, тоа нема да се случи, како и варијантата Пик Сегед да дебитира во оваа лига. Како дебитант ќе го гледаме Железничар од Ниш, новиот голем проект, како што се најавува во Србија, тимот кој ќе биде предводен од Веселин Вујовиќ и кој полека се засилува за предизвиците кои му следат. По пауза од две години, во СЕХА се враќа и екипата на Извиѓач од Босна и Херцеговина. Веќе познати учесници се Вардар, Металург, ППД Загреб, Нексе, Брест Мешков и Татран Прешов и Воојводина. Тоа се вкупно девет познати екипи, а во наредниот период ќе се дознае и десеттиот учесник, со што и официјално ќе се комплетира составот на екипите кои ќе бидат дел од СЕХА, во натпреварувачката 2018/19 сезона.
И оваа сезона во првото коло ќе се сретнат екипите, кои доаѓаат од иста земја, што значи ќе гледаме градско дерби, помеѓу екипите на Вардар и Металург. Сезоната треба да стартува на 28 и 29-ти август.